ВИДЕО: Израел и Хезболах се на работ на општа војна

Од:

Прекуграничниот оган меѓу Израел и Либан постојано се зголемува од 8 октомври. Хезболах со ракети и гранати гаѓа врз израелски локации во знак на солидарност со Хамас. Двете групи повикуваат на уништување на израелската држава.

Хезболах често го напаѓа северен Израел и Голанската висорамнина, сириска територија заземена од Израел за време на војната во 1967 година и анектирана во 1981 година. Израел изврши воздушни напади на јужен Либан, вклучително и ноќен бран напади, очигледно како одговор на ракетниот оган во саботата.

Во реципрочните напади од октомври загинаа 450 луѓе во Либан – од кои 100 цивили – додека Израел вели дека 23 цивили и 17 војници се убиени. Постојано се сугерираше дека двете страни сакаат да избегнат директна конфронтација. Меѓутоа, сега се поставува прашањето колку далеку ќе оди Израел во одговорот на саботната трагедија кога на фудбалско игралиште на голанската висорамнина беа убиени 12 деца и тинејџери.

Илјадници луѓе излегоа на улиците на градот да ги оплакуваат младите жртви, држејќи цвеќиња и фотографии околу малите бели ковчези. Хезболах вели дека не ја истрелал смртоносната ракета, но израелската влада вели дека тоа е лага. По нападот, либанските милитанти, наводно, евакуирале некои клучни локации на југот на земјата и во источната долина Бека, како мерка на претпазливост во пресрет на голем израелски напад.

Бенјамин Нетанјаху вети дека Хезболах „ќе плати потешка цена отколку што платил досега“. Министерот за надворешни работи Израел Кац рече дека лидерот на Хезболах, Хасан Насралах треба „да плати со глава“, додека екстремно десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич предупреди дека Израел се приближува до целосна војна со Хезболах.

Но, Израел знае дека цената на таквата војна со либанската милитантна група може да биде катастрофална за двете страни. Хезболах е најмоќната недржавна организација во регионот, која во својот арсенал има 150.000 ракети и проектили. Тој е најважниот сојузник на Иран на Блискиот Исток, а израелски напад може да го вовлече Техеран во конфликтот, кој го предупреди Израел дека какви било „нови авантури“ во Либан би можеле да доведат до „непредвидливи последици“.

А израелските трупи сè уште се оптегнати во Газа. Отворањето на друг фронт додека им снемува муниција едноставно можеби не е изводливо. Од друга страна, околу 60.000 Израелци се раселени од пограничната област со Либан во текот на изминатите неколку месеци, многу од нив бараат од нивната влада да ја неутрализира заканата на Хезболах.

А Нетанјаху, чија популарност дома вртоглаво опаѓа, прави се што може за својот политички опстанок. Критичарите велат дека тој ја продолжува војната во Газа со постојано поставување поостри барања од Хамас за договор за прекин на огнот, знаејќи дека може да се соочи со предвремени избори и крај на неговата кариера кога борбите таму ќе престанат.

Стравот е дека, ослабен и под притисок на екстремно десничарските воинствени министри, тој сега може да биде во искушение да ја прошири војната во Либан, делумно за домашни политички цели. Ова е опасен момент. И додека меѓународните повици за воздржаност од двете страни стануваат се погласни, регионот може да експлодира со најновата ракета истрелана кон Голанската Висорамнина.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Израелски напад во центарот на Бејрут, четворица мртви и десетици повредени

Катерина Ѓуровски

Трудо: Канада ќе ја почитува пресудата на Меѓународниот кривичен суд за Нетанјаху, Галант и Ал Масри

Бејрут и денеска е цел на израелската армија

ОН: Израелските доселеници протераа повеќе од 1.720 Палестинци од Западниот Брег

Бајден: Издавањето налог за апсење на израелски лидер е срамота

Горан Наумовски

Најмалку 47 лица загинаа, а 22 се ранети во израелски напад врз Балбек-Хермел во Либан