Португалската полиција денес покрена истрага против Жорж Жезус, тренерот на Бенфика поради напад на службено лица по завршување на натпреварот на неговиот клуб и Гимараеш.
Во неделата, по завршување на овој натпревар на кој Бенфика победи со 1:0, група навивачи на лисабонскиот клуб втрчаа на теренот заедно со фудбалерите да ја прослават победата. Кога редарите и полициските службеници фатија еден навивач и сакаа да го приведат, Жезус влета меѓу полицајците со цел да го ослободи навивачот, по што настана влечење и кошкање меѓу тренерот на Бенфика и дел од службените лица.
По овој настан Жезус се извини.
– Не сакав никого да повредам нуту некого нападнав, туку единствено нешто што сакав да направам беше да го вратам младото лице на трибините и да со тоа да се смират тензиите, изјави тренерот на Бенфика на клупската телевизија.
Според законите во Португалија, Жезус може да добие и затворска казна доколку се потврди дека тој извршил напад на полицаец за време на извршување на службена должност.
Ова не е прв инцидент на тренерот на Бенфика во португалскиот фудбал. Тој пред две години беше суспендиран 11 натпревари и парично казнет поради кавга со колега.