Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

Од:

Мандатарот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница на која ќе се избере владата и новите министри, најави дека таа ќе биде континутет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа, јави дописникот на МИА од Белград.

– Владата ќе продолжи да води надворешна политика заснована на политичка независност и воена неутралност, а полноправното членство во ЕУ останува наша стратешка цел, рече Вучевиќ, додавајќи дека идната влада „ќе направи се за да го спречи приемот на лажната држава на Косово“ за членство во ЕУ во Советот на Европа (СЕ), иако призна дека „шансите за тоа не се големи“ и додаде дека „Владата на Србија ќе биде принудена да одговори соодветно“ доколку Косово биде прифатено како членка на СЕ.

Во поглед на Русија, Вучевиќ потенцираше дека Србија нема да воведе санкции кон Русија и да „нема да се откаже од пријателството со неа“ и го истакна стратешкото партнерство на Србија со Кина, кое во текот на оваа година ќе биде крунисано со ратификација и стапување во сила на Договорот за слободна трговија.

Кога станува збор за регионот, Вучевиќ во експозето истакна дека придонесот на Србија за зачувување на мирот и стабилноста ќе биде активен и континуиран.

-Северна Македонија е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа. Србите и Македонците повеќе немаат ниту една тема што ги оддалечува. Не постои ниту едно прашање околу кое може да се раздвоиме или околу кое би можело да се направи раздор. Проектот Отворен Балкан дополнително не зближи, а разрешувањето на црковниот спор, ја тргна и последната пречка на патот на изградбата на меѓусебната доверба и зедничката работа каква не е видена од распадот на поранешна Југославија, истакна Вучевиќ, говорејќи одделно за односите на Србија со соседните земји.

Вучевиќ при презентацијата на експозето изјави дека Министерството за одбрана и војската на Србија подготвиле неколку модели на воена служба, во траење до четири месеци.

На седницата на Собранието на Србија мнозинството пратеници на СНС-СПС и коалициските партнери од помалите партии по експозето на Вучевиќ ќе гласаат за избор на новата коалициска влада на СНС-СПС која ќе има 25 министерства и 31 член.

Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ – министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин – вицепремиер, Ирена Вујовиќ – вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ – министер за одбрана, Марко Ѓуриќ – министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ – министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ – министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар – министер за здравство,Томислав Момировиќ – министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ – министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ – министер за образование, Немања Старовиќ – министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Jелена Беговиќ – наука и иновации и Хусеин Мемиќ – министер за туризам.

Милан Кркобабиќ – министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ – министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ – министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС продолжуваат со лагите и манипулациите за Алта банка, овој пат јавната аукција сакаат да ја претстават како тајна зделка

Седумка на „Лото“ падна во Ниш – среќниот добитник побогат за 3.400.000 евра

А1он

(ВИДЕО) Мециновиќ: Имаме влада крвник на сопствениот народ, три години не ја зголемува минималната плата и ја штити олигархијата

ЈП „Македонијапат“: Поради силен ветер на неколку патни правци паднати дрва и семафор

Мицкоски од Берлин: Македонија активно учествува во разговорите за глобалната безбедност и предизвиците во светот

Левица: Македонија единствена европска земја против хуманитарна помош за Палестинците – ДПМНЕ ја влече државата кон талогот на цивилизацијата