Жиле, првото куче во Македонија кое се движеше со помош на инвалидска количка, денеска стигна во Пенсилванија, САД, каде што го посвои семејството Хамон.
За херојот од Попова Шапка, кој во февруари годинава беше застрелан со пиштол од непознато лице, дозна целиот свет.
Во последниве 7 месеци за него се грижеа повеќе љубители на животни, кои поминаа неверојатна борба за да му овозможат на Жиле да продолжи да живее. Куршумот со кој тој беше погоден го пробил нервот во рбетниот мозок, па тој не можеше да ги движи задните нозе.
– Жиле помина десетици борби со волци. Лузните на неговото лице говорат за тоа. Беше алфа мажјакот, чуварот на планината… Пред 7 месеци ми се јави сопственик на викендичка и ми рече дека видел како човек облечен во црно пукал во кучињата, а Жиле се довлечкал до викендичката за да бара помош. Го донесоа во Скопје и тогаш почна нашата борба – вели Мери Јордановска од Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ).
Точно седум месеци Жиле помина во ординацијата кај д-р Марин Величковски, кој го засакал кучето како свое и отстапил една просторија од ординацијата. Секој ден, Јордановска и нејзините пријатели оделе да го масираат, да ја чистат просторијата, да се грижат за него. Куршумот беше изваден од телото на Жиле, а набрзо, по направената магнетна резонанца било констатирано дека нервот е прекинат и дека тој никогаш нема да прооди.
– На моменти помислував дека можеби Жиле треба да се успие. Жално е да се гледа куче од 40 килограми, со толкава енергија, како се влече само со предните нозе. Но, она што не ми дозволуваше да го сторам тоа беше неверојатната желба за живот на Жиле – тој ниту еднаш не пушти глас, никогаш не зацвили, се трудеше да се исправи, не се даваше. Така решив да напишам писмо на социјалните мрежи и да побарам совет. Се јавија луѓе од целиот свет кои чуваат кучиња со хендикеп. Додека да се свестам, дома почнаа да ми стигнуваат пакети од Германија, Австрија, Америка, Германија… храна, играчки, креветчиња, пелени пристигнуваа од сите страни. Се собраа и пари за инвалидска количка која што ни стигна од Америка. И тогаш знаев дека Жиле сепак ќе живее – вели Јордановска.
На Фејсбук страницата на Жиле пред неколку месеци стигнало писмо од Ким Хамон од Пенсилванија, која се понудила да го вдоми Жиле.
„Ве замолувам да ме ставите прва на листата за вдомување на Жиле. Јас и мојот сопруг имаме посвоено девојче, 6-годишната Морган, која страда од нервно заболување. На неа и е потребна грижа и куче – чувар. Сакаме Жиле да биде нејзиниот пријател“, пишувало во писмото на Ким.
Така почнале и подготовките на Жиле за патување во Америка кои траеле 3 месеци. Авионска карта, пасош, долготрајни разговори и преговори претходеле пред кучето-херој од Попова Шапка да замине за Америка. И така, договорот паднал – сопругот на Ким реши самиот да дојде до Македонија и да си го земе Жиле!
Џон Хамон во Македонија беше една недела. За таа недела тој стана најдобар пријател со кучето кое никогаш не се предаде. Поминаа часови и часови шетајќи се на Кале, во центарот на Скопје, во старата скопска чаршија, на Попова Шапка, каде Жиле се збогуваше со планината каде што живееше 3 години.
– Јас сум тука затоа што целиот свет го сакаше тоа! Целиот свет дозна и го засака Жиле, а јас сега ја засакав Македонија, затоа што видов дека човечката хуманост е многу поголема од човечката суровост! Меѓу кучињата и луѓето постои еден непишан договор, дека тие живеат заедно и треба да се грижат едни за други. Човекот кој пукал во Жиле го прекршил тој договор и сите закони на природата. Јас сум тука за да го исправам тоа – вели Џон, кој помина 22 часови пат за да стигне до неговиот нов пријател.
Вчера Жиле стигна во Америка – неговиот куфер беше три пати поголем од куферот што Џон го носеше во Македонија, бидејќи внатре беа сите подароци за него што пристигнаа од целиот свет. Интерес за Жиле пројавил и еден од најпознатите дресери на кучиња во Америка кој веднаш ќе почне да помага тој полесно да се прилагоди во новата средина.
– Речиси и да заборавив како изгледаше мојот живот пред Жиле. Тоа куче стана мој најдобар пријател, мој херој. Од него научив што значи волја за живот, што значи да не се предаваш и да го задржиш достоинството и позитивниот дух и покрај сите лоши работи што ни се случуваат. Жртвував многу работи за да му се посветам на Жиле, но кога би го вратила времето назад, повторно би го сторила истото – вели Јордановска.
Во меѓувреме, Ким, Џон и малата Морган веќе го имаат преуредно својот дом за потребите на Жиле, за тој да може слободно да се движи низ дворот и низ нивниот дом. Кучето-херој од Попова Шапка, сега ја има втората шанса за среќен живот.