Македонија е коспонзор заедно со Германија, САД и Франција на Резолуција во ООН за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница. Резолуцијата ќе биде претставена на 17 април пред Генералното собеание, а ќе се гласа на 2 мај, откри Османи на прес-конференција во МНР.
– Мислам дека посебно за Србија е важно да ја изгласа оваа Резолуција со цел фактите да бидат признаени и промовирани бидејќи сите одлуки на Меѓународните судови и тела покажуваат дека во Сребреница се случил геноцид. Се додека се одрекува и не се признава, можноста да се повтори е се уште веројатна. Посебно ја повикувам Србија и останатите земји членки на ООН да гласаат. Не мислам дека односите со било која земја ќе ги наруши барањето да се осуди убивање на над 8.000 цивили – истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во однос на ситуацијата на Блискиот исток, Османи рече дека состојбата е делумно стабилизирана, училиштата во Израел се отворени, но воениот комитет не донел одлука во однос на нападот на Иран.
– Досега се пријавил еден наш граѓанин во амбасадата во Тел Авив кој барал да се евакуира веднаш и му е даден патен лист. Се јавија од компанија од земјава дека имаат четворица вработени во Израел со цел да имаме контакти ако има потреба да се евакуираат.
Семејствата на амбасадорот и дипломатот се таму. Му дадов дозвола на амбасадорот да ги пушти барем децата, но тие решија да останат откако ги отворија училиштата – додаде тој.