ДИК треба да ги потврди претседателските кандидатури

Од:

Државната изборна комисија (ДИК) се очекува денеска да одржи седница на која треба да ги потврди кандидатурите на седуммината претседателски кандидати за изборите на 24 април. Кандидатури поднесоа Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска – Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Арбен Таравари поддржан од коалицијата „Вреди“. Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидати ДИК ќе ја одржи најдоцна на 28 март.

ДИК по приемот на листите на кандидати, ги проверуваше дали тие се составени во согласност со одредбите на Изборниот законик и проверуваше дали кандидатите за претседател ги исполнуваат условите предвидени во Уставот и член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик, преку проверка на податоците во соодветните регистри и евиденции на надлежните институции. Институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите беа должни податоците да ги достават во електронска форма на комисијата во рок од 24 часа од приемот на барањето без никаков надомест.

Ако ДИК утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, поднесената листа ќе ја потврди со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа. Доколку се утврди дека во листата има одделни неправилности, ДИК ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата да ги отстрани неправилностите во рок од 48 часа од приемот на известувањето на комисијата за неправилностите. Доколку неправилностите или пропусти се отстранети во законскиот рок, поднесената листа ќе се потврди со решение. Во случај на неправилности од членот 67 став (2) од Изборниот законик, подносителот на листата може да го замени предложениот кандидат што не ги исполнува условите со нов кандидат во истиот рок од 48 часа и за истиот е должен
самиот да ги обезбеди доказите за исполнување на условите предвидени во член 7 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик.

Согласно Роковникот за изборни дејствија ако ДИК утврди дека листата е поднесена ненавремено, односно по истекот на рокот определен со овој роковник, поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од нејзиниот прием.

Ако ДИК утврди дека констатираните неправилности или пропусти, подносителот на листата не ги отстранил во рокот од 48 часа, поднесената листа ќе ја отфрли со решение најдоцна во рок од 24 часа, сметајќи од истекот на рокот за отстранување на неправилностите.

Подносителите на листи или кандидатура можат преку своите овластени претставници да поднесат писмено барање за повлекување на листата односно кандидатурата во рок од 48 часа од донесување на решението за потврдување на конечните листи од согласно членот 67 став (5) од Изборниот законик. Кога се работи за повлекување на кандидатската листа истата единствено може да се повлече во целост.

На партиите им остануваат 14 дена до почетокот на кампањата за претседателските избори, а течат и роковите за подготвување на листите за пратеници. Листите на кандидати за пратеници во Собранието овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК. најдоцна до полноќ на 2 април.

Би можело да ве интересира

Борис Кондарко и официјално претседател на ДИК

Чејни: Ќе гласам за Харис, а не за републиканецот Доналд Трамп

Горан Наумовски

ДИК: Завршија парламентарните избори, Азизи нов пратеник на местото на Касами

„Европски фронт“ поднесе тужба до Управен суд за прегласувањето во Желино

ДИК ќе одлучува по приговорот од Европскиот фронт

Катерина Ѓуровски

Коалицијата „Европски фронт“ доставила приговор до ДИК за прегласувањето во Желино