Таткото на убиеното 14-годишно девојче Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, се наоѓа во притвор во затворот во Шутка од денот на неговото апсење. Осомничен е дека давал информации на групата на Љупчо Палевски – Палчо кој пак е осомничен дека го извршил убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски кои беа пронајдени мртви на 3 декември.
Таткото на Вања, преку неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ поднел жалба на одлуката на Кривичниот совет да му биде продолжен притворот, па сега второстепниот суд одлучува по нивната жалба.
Тој денеска од затворот во Шутка беше донесен во Скопска апелација, каде на јавна седница водена од судијката Тања Милева го образложи барањето да биде пуштен во куќен притвор или да му бидат одредени мерки за претпазливост.
Адвокатот Туфегиќ за А1он потврди дека седницата се одржала денес, и дека тој како адвокат на обвинетиот за тоа немал покана и бил известен дури рано утринава.
„ Денеска се одржа Јавна седница по повод жалба на осомничениот во која се бара укинување на притворот. За денешната Јавна седница како бранител сум известен утрово во 09,20 часот телефонски бидејќи немав покана. Барам укинување на притворот поради фактот што до денес не ни е предочен ниту еден доказ од кој произлегува основаното сомневање за сторено кривично дело ниту ни е овозможен увид во предметот. Осомничениот не може да повтори дело кое не го сторил.
На судечкиот совет му е укажано дека сето ова што му се случува на таткото е голема грешка и уште една голема трагедија кон него и неговото семејство.“, вели Туфегиќ за А1он.
Адвокатот Туфегиќ за А1он потврди дека го известил судот и дека во КПУ затвор „Скопје” се врши тортура врз Ѓорчевски и за тоа го известил надлежниот обвинител.
„ На советот му е укажано дека кон осомничениот се врши тортура во притворската единица на КПУ Затвор Скопје, со тоа што е испитуван во притворската ќелија на начин под секое достоинство, во стоечка положба свртен со лицето кон sидот за да му се изнуди признание и дека за ова на 18.01.2024 година писмено е известен Јавен обвинител. Осомничениот се приклучи кон жалбата и изјави дека не му е јасно зошто е сето ова бидејќи никого од осомничените не познава.“, вели Туфегиќ.
На седницата присуствува и обвинителката Фатиме Фетаи. Таа побара жалбата на Ѓорчевски да се одбие и тој да остане во притвор, поради опасност од бегство и поради влијание врз сведоците.
Се чека на одлуката на советот .
За киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски кои беа пронајдени мртви на 3 декември, во притвор се уште четворица осомничени, а првоосомничениот Љупчо Палевски се наоѓа во екстрадиционен притвор во Турција.