Партијата ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски на претстојните избори ќе настапи самостојно, потсетувајќи се на успехот кој го постигна на локалните избори, без поддршка од други партии, наведуваат од партијата.
Соопштението го пренесуваме во целост:
Претседателот на СДСМ, устоличен на позицијата Премиер без легитимитет на избори е единствен кој не го избраа граѓаните, станал и љубител за раскажување анегдоти.
Очигледно знаејќи што го очекува на претстојните Претседателски и Парламентарни избори и во својот очај, почнува да ги коментира локалните избори кои завршија пред повеќе од две години.
Би сакале да го потсетиме господинот Ковачевски дека градоначалникот на Куманово и Претседател на партијата Движење ЗНАМ-ЗА НАША МАКЕДОНИЈА господинот Максим Димитриевски, победата на локалните избори ја извојува исклучиво со подршка на граѓаните на Општина Куманово, како независен кандидат.
Но, ако инсистира да зборуваме за локалните избори би сакале да му ја освежиме меморијата. Господинот Максим Димитриевски во првиот круг на локалните избори во Куманово ги победи кандидатот на СДСМ подржан од ДУИ, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ со својата коалиција, кандидатот на целата албанска опозиција и кандидатот на ЛДП. Ова се случува за прв пат во три децениските изборни циклуси во самостојна Македонија. Во вториот круг на локалните избори, кандидатот на СДСМ доживеа дебакл со разлика од повеќе од 6 илјади гласови.
Што се однесува до тоа кој се однародил од сопствените граѓани, истите граѓани оценка ќе дадат на следните Претседателски и Парламентарни избори.
Движењето ЗНАМ-ЗА НАША МАКЕДОНИЈА на претстојните Претседателски и Парламентарни избори ќе настапи самостојно, ќе ја побара подршката од сите граѓани и нема да ги дели граѓаните по нивната партиска, верска и етничка припадност.
Нашата цел е да ги обединиме граѓаните за нашата визија која го трасира европскиот пат и развојот на Република Македонија.