АСОМ до Пендаровски: Не дозволувајте вашиот потпис да загрози 10.000 животи

Од:

По вчерашното изгласување на предлог измените на Законот за игри на среќа, ние, од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), сакаме уште еднаш да го искажеме нашиот револт за ова бескрајно самоволие на власта и насилно протнување на законот со европско знаменце велат од АСОМ.

Во оваа прилика, сакаме и уште еднаш јавно да се обратиме до претседателот Стево Пендаровски, кој и самиот побара на законските измени за игрите на среќа да не се брза со процедурата со европско знаменце без претходно да се поведе сеопфатна и стручна дебата со цел да се дојде до балансирано решение во интерес и на вработените и на граѓаните.

Претседателе, дали сега, кога Вие сте последниот чекор до спроведување на овој контроверзен закон, ќе ги потпишете овие измени? Дали кога сте ставени пред свршен чин, ќе дозволите ваквиот закон, за кој е повеќе од очигледно дека не постои јасна европска директива, да помине без никаква јавна расправа ниту дискусија?

Целата јавност слушна дека и самиот рековте дека треба да се соочат сите аргументи низ стручна дебата и да се дојде до вистинско и балансирано решение, меѓутоа ние, членките од АСОМ и од АПИС кои претставуваме 95% од пазарот за игри на среќа, немавме ниту една прилика аргументирано да го дадеме нашиот коментар.

Претседателе, Вие и самиот сте европски ориентиран политичар, па оттука прашуваме: дали треба да се потпише закон кој нема никаква врска со европското законодавство и за кој класично се злоупотреби европското знаменце, само за да се протурка по брза постапка за нечии крајно сомнителни и контроверзни бизнис интереси? Овој закон не беше ставен ниту на ЕНЕР, ниту имаше јавна расправа, што сериозно го поткопува интегритетот на ЕУ и нејзините вредности.

Всушност, потпишувањето на измените на Законот ќе ја затвори целата индустрија за игри на среќа, принудувајќи 10.000 луѓе да останат без работа. Вкупно, директно и индиректно ќе бидат погодени 54.000 луѓе, а многу сродни бизниси и компании сериозно ќе настрадаат.

Дали сакате да ги носите на совест овие илјадници семејства? По овие измени, утре, некоја мајка веќе нема да може да си дозволи роденден за своето дете; некое семејство веќе нема да биде во можност да го отплаќа својот кредит, а го зеле затоа што биле финансиски стабилни. Потпишувањето на овој закон ќе придонесе и стотици млади луѓе да го бараат своето чаре во странство.

Претседателе, имајте слух, луѓето се исплашени. Сите тие чесно го заработуваат својот леб во целосно легална индустрија, кај стабилни компании. Истите тие луѓе ниту еднаш не се посомневале дека ќе го изгубат своето работно место, и тоа не поради своја лична одговорност, туку поради некакви измени на закон.

Претседателе, повеќе десетици пати, на сите временски прилики и неприлики, излегуваме со нашите вработени пред Собранието за да го искажеме нашиот револт. Сега е на вас да бидете пред сè човек! Не дозволувајте судбината на 10.000 лица да биде во ваши раце. Оваа бројка од 10.000 луѓе не е само статистика; тие се мајки и татковци, браќа и сестри, чесни вработени, сите со свој придонес во нашето општество. Нивните основни средства за живот, нивните аспирации и планови за иднината, но на крајот и нивното достоинство, се сега доведени во прашање.

Зад секое работно место всушност стои цело семејство, кое сега се бори со несигурност. Па затоа, Претседателе, како чувар на нашата колективна благосостојба, денес уште еднаш апелираме на Вашата емпатија, повикувајќи Ве да бидете чувар на надежта, но и на отпорот против неправдата. Вашата одлука носи тежина на илјадници лични приказни и затоа не дозволувајте Вашиот потпис да ги загрози животите на оние кои веруваат во вашиот збор, се вели во писмото до Пендаровски.

Би можело да ве интересира

Меџити: До Нова година ќе се донесе нов Закон за игри на среќа, кој ќе биде поригорозен

Јаревски: Стево Пендаровски тврдеше дека не сака канцеларија, за еден ден потоа да побара да му се дозволи да користи

„Влен“ најави покренување на правосилни постапки за злоупотреби на службена положба за незаконски одлуки поврзани со игрите на среќа

Пратениците од Европски фронт ја напуштија седницата на Собранието поради Законот за игри на среќа

Финансии бара одземање на лиценците на две фирми што приредуваат игри на среќа

АСОМ: Очекуваме конструктивна соработка со новата Влада за Законот за игри на среќа