Пред домот на лидерот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари е пронајден куршум.
Под сомнение дека куршумот оставен пред вратата претставува заканувачка порака кон него случајот веднаш бил пријавен во полиција.
Од СВР Тетово за А1он го потврдија случајот.
„ Денеска во 9 часот и 34 минути Ј.Џ.(42) од Гостивар во СВР Тетово пријавил дека пред влезната врата од куќата на 50-годишниот гостиварец А.Т. во Гостивар било оставено, односно пронајдено зрно од автоматско оружје калибар 7, 62 милиметри.Екипа од СВР Тетово-ОВР Гостивар извршила комплетен увид, пронајденото зрно е фотодокументирано и подигнато за вештачење.Се расчистува и документира случајот.“, велат од СВР Тетово.
Дел од медиумите објавија и фотографии за кои тврдат дека се од пред домот на Таравари. На фотографиите објавени од Тв Коха се гледа и куршумот.
Овој инцидент доаѓа по превирањата откако лидерот на Алијансата на Албанците јавно објави дека неговата пратија треба да се приклучи на опозицискиот блок.
Од друга страна поранешниот лидер на паријата Зијадил Села, синоќа изјави дека не се согласува со ставот на Таравари и објави дека свикува седница на ова партиско тело за в сабота на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Таравари. Рече дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова по вчерашната објава на Фејсбук во која побара поддршка за АА да оди на избори заедно со опозициските партии на Албанците.
Поранешниот лидер на Алијанса за Албанците и актуелен претседател на партиското Централно претседателство, Зијадин Села, на ФБ објави фотографија со голем број партиски членови, негови приврзаници, и порача: „Тоа е големата куќа, Алијанса за Албанците“.
Дека има голема подршка претходно се пофали и Таравари. Рече дека од 133 членови на Собранието успеал да собере 80 потписи како поддршка на неговата политика за коалицирање со албанската опозиција.
Доцна вечерта пристигна и вест имало физички напад врз директорот за управување на одземен имот Дритон Небиу од истата партија. Небиу бил со семејството и пријатели во тетовски ресторан кога бил нападнат со кундак.
Небиу, во СВР Тетово пријавил физички напад кој се случил во угостителски објект, каде што отишол заедно со членови на партијата Алијанса за Албанците по завршување на партиската прес-конференција. СВР Тетово потврди дека случајот е пријавен синоќа во 19.40 часот.
СВР Тетово информираше дека се работи на расчистување на случајот.
– Во СВР Тетово било пријавено дека во угостителски објект на улицата „Маршал Тито“ во Тетово лицето Н.Д. било физички нападнато од тетовецот К.О. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – се наведува во соопштението.
Според пишувањата на медиумите на албански јазик, напаѓачот се смета за близок соработник и поддржувач на Таравари, додека пак Небиу вчера ја поддржа иницијативата на Зијадин Села.