Партијата на Данела Арсовска, Нова Алтернатива преку соопштение реагираше на изборот на Талат Џафери за технички премиер.
„Нова Алтернатива иронично им честита на „најголемите македонски“ партии ДПМНЕ и СДСМ за нивниот успех од Талат Џафери да направат човек за сите времиња и за секоја позиција и функција во државата. Најпрво ДПМНЕ во 2013 година од Џафери направија министер за одбрана, министер за кој гласаше и Антонио Милошоски кој денеска пак беше најгласен против неговиот избор за технички премиер, иако ДПМНЕ и Мицкоски номинираа за учество во таа иста Влада која Џафери ќе ја предводи и свои министри. СДСМ од него потоа направија претседател на Собрание, кој ДПМНЕ не го признаваа за потоа да си легнат на брашното нарекувајќи го претседател, кој сега ќе им стане премиер. Само како трагедија може да окарактеризира ова кое денес се случува во Република Македонија“, велат од партијата.
Од таму посочуваат дека Нова Алтернатива е тука да ги потсети граѓаните и да ја истакне дволичноста и лицемерието на партиите, карактеризирајќи ги како корумпирани политички елити во Македонија.
„Нова Алтернатива е тука да ги потсети граѓаните и да ја истакне дволичноста и лицемерието на корумпираните политички елити во Македонија кои 30 години глумат чувство за идеологија за Македонија, а во исто време си поигруваат и со државата и со македонските национални интереси само за да останат на власт. Нова Алтернатива е тука за да стави крај на овие корумпирани политички елити и да донесе право и правдата на политичката сцена во Македонија“, стои во соопштението на партијата на Арсовска.