Убиено девојче, пукање во трговски, криминал, корупција – што ги полнеше полициските билтени во 2023

Од:

Девојче киднапирано, па убиено. Мафијашки престрелки во трговски центар сред бел ден, пресметки и ликвидации на подземјето, апсења за детска порнографија, корупција и прикривање данок, организирани криминални групи – 2023 година ги полнеше полициските билтени и судниците. Сепак, генерално криминалот бележи намалување. Како што истакна Министерот за внатрешни, Спасовски, бројките покажуваат дека има намалување на криминалот за осум проценти и дека се сузбиени 13 криминални групи со над 100 лица.

Бројот на умрените лица од насилна смрт во Македонија во 2022 година се намалил за 28,2% во однос на претходната година и изнесува 486 умрени лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. од тие 486 лица, 382 го загубиле животот во несреќни случаи, 98 извршиле самоубиство, а 6 лица биле убиени. Тоа е најнизок број на самоубиства и убиства од 1994 година. Се очекуваат информациите за 2023.

Иако на крајот на годината, Македонија и Балканот се згрозија од убиството на 14 годишната Вања и Панче од Велес. Во случајот со двете убиства, првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, кој првично беше во бегство, но потоа беше фатен во градот Баликесир во Турција. Во моментов тој се наоѓа во екстрадициски притвор и во тек е постапката за негова екстрадиција во земјава.

Палевски е осомничен за две кривични дела грабнување и две убиства на свиреп начин. Како соизвршители за истите дела се гонат уште три лица кои беа приведени на 3 декември. Петтиот осомничен е таткото на Вања од кого, според првичните сознанија од исказите на останатите осомничени, Палевски добил информации кога девојчето ќе биде само.

Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември. Нејзиното тело беше пронајдено 3 декември во близина на Скопје. Во близина на Велес, пак, истиот ден беше пронајдено телото на Жежовски кој исчезна на 22 ноември.

Ова се накратко случаите кои годинава ги окупираа полицијата и обвинителството.

30 декември – Поднесено обвинение против 18 лица за криумчарење луксузни автомобили. Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка и поднесе обвинение против 18 физички и едно правно лице за повеќе кривични дела, меѓу кои продолжено криумчарење, фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, спречување докажување и злоупотреба на лични податоци.

29 декември – истражна постапка за уште шест лица во предметот „Исар“. По неколку месечна истражна постапка, поднесен Обвинителен акт против единаесет лица. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело – Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти од член 418-в и, додека шест лица се обвинети и за кривично дело – Криумчарење на мигранти од член 418-б од КЗ.

Истражната постапка беше отворена на почетокот на месец јуни како резултат на криминалистичка истрага „Исар“ која се спроведуваше над  17- члена група – дел од меѓународен канал за криумчарење на мигранти. Со тогашната акција е сузбиена меѓународна криминална група која во периодот од месец јули 2021 до мај 2023 година, врз основа на претходен договор со лица од Србија, Бугарија, Унгарија и РСМ се занимавала со организирање на криумчарење на мигранти од територијата на Р.Грција кон Р.Унгарија и од Р.Бугарија кон Р.Србија, со крајна дестинација во земјите на ЕУ.

28 декември – Истрага против четири лица што го оштетиле Фондот за здравствено осигурување. По повеќемесечна предистражна постапка под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Управата за финансиска полиција реализира акција под кодно име „Цицач” на територијата на Општина Прилеп, а по кривичната пријава против повеќе физички и две правни лица што го оштетиле Фондот за здравствено осигурување.

28 декември – Истрага за двојното убиство во Челопек. 59-годишен жител на Челопек лиши од живот две лица, а се обидел да убие уште четири лица од истото семејство. Осомничениот се сретнал со оштетените  кога излегле во дворот на куќата и започнал расправија за пат кој го користеле заеднички. Уапсен е и против него поднесена пријава.

.

28 декември – Двајца скопјани обвинети за противправно лишување од слобода и полов напад. По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против двајца 22-годишни скопјани за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 1, како и Противправно лишување од слобода според член 140 став 5 во врска со став 1 и во врска со член 22. Тие киднапирале момче за наводен долг од 150 евра, го однеле во парк шума Гази Баба го претепале и силувале, а облеката му ја запалиле.

28 декември – Пет лица под истрага за разбојништво во фабрика за канабис во Чегране. Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Разбојништво според член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничените, на 26 ноември, извршиле разбојништво во фабрика за производство на канабис за медицински цели .

27 декември – Поднесен Обвинителен акт и Обвинителен предлог за предметот „Феникс “против пет лица на кои им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело Перење пари и други приноси од кривично дело од член 273 од Кривичниот законик. Овој предмет е поврзан со проектот Скопје 2014.

13 декември – 11 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела Злосторничко здружување предвидено и казниво по чл.394 од КЗ и Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од чл. 264 став 1 од КЗ, а петмина од нив сториле и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ. Четворицата првоосомничени во периодот од месец октомври 2022 до месец септември 2023 година создале група на која припадници станале останатите осомничени. Првоосомничениот како Претседател на Одбор на директори на акционерско друштво, со намера за себе и за останатите членови на групата да прибави противправна имотна корист, не ги извршил своите службени овластувања и предизвикал штета на Буџетот.

Тој, иако знаел дека Хотел „Шар Ан“, што се наоѓа во склоп на Старата скопска чаршија, претставува културно наследство и е дел од заштитена споменичка целина и не може да биде предмет на продажба, не ги презел своите законски овластувања за заштита на објектот, туку побарал од дел од припадниците на групата да извршат негово противправно рушење и уништување. По повеќемесечна предистражна постапка МВР спроведоа акција при што се извршени претреси на повеќе локации во Градот Скопје. Во акцијата се одземени бројни материјални докази и приведени се девет осомничени лица, додека две лица се недостапни

24 ноември – Постапка против 23 лица осомничени за трговија со дрога и оружје. Полициска акција во охридско – струшкиот регион. Со акцијата е сузбиена повеќечлена криминална група чии членови, со цел противправно стекнување на имотна корист, подолг временски период се занимавале со неовластено набавување и препродажба на дрога.

16 ноември – Поведена истрага по откриена „лабораторија“ за производство на марихуана и хашиш во Скопје. Против 44-годишен скопјанец е поведена истрага поради основано сомневање дека сторил кривично дело –  Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Во текот на 2023 година, во куќата каде престојувал на улицата „Анатолиј Зографски“ во населба Лисиче, тој неовластено произведувал наркотична дрога.

30 октомври – Со „Синџир“ опфатени 26 физички и 28 правни лица. Истражна постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела Злосторничко здружување. Од прибраниот доказен материјал постои основано сомневање дека три лица како организатори заедно со уште други три лица, во текот на 2019 година, во Неготино, создале група што имала за цел вршење на кривични дела Даночно затајување и Перење пари и други приноси од казниво дело. На групата, истата 2019 година, припадници станале уште седуммина од осомничените. Во текот на 2020 година на оваа група се приклучиле 11 нови припадници, а во 2021 година припадници станале уште тројца сопственици и управители на правни лица. Организаторите на злосторничкото здружение со намера да ја одбегнат законската обврска за целосно или делумно плаќање данок, организирале основање на правни субјекти во нивна сопственост и преземале сопственост и управување на претходно основани правни субјекти.

13 октомври – На првото одржано рочиште за предметот под кодно име „Багер“осуммина обвинети кои извршувале недозволено истражување и ископување на движни добра под привремена заштита, односно културно наследство, ​ги признаа делата за кои Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во јуни годинава поднесе Обвинителен акт.

26 септември – Обвинителен акт против полициски инспектор за усмртената мигрантка. Настанот се случи на 19.04.2023 година, во раните утрински часови близу Гевгелија, полицајците требало да ги пресретнат и спречат мигрантите, по што полициските службеници се поставиле во близина на објект во изградба кај поранешната касарна Гевгелија. Обвинетиот полицаец и покрај тоа што бил свесен дека на местото на настанот има поголема група на лица – мигранти, како и тоа дека во раката држи огнено оружје полно со муниција, се впуштил во борба со второосудениот и притоа испукал еден истрел предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на насобраните лица. Испуканиот истрел, ја погодил Fatmata Kamara од Сиера Леоне, која седела на задното седиште во возилото нанесувајќи и повреда во задниот дел на десното рамо, па како резултат на здобиените повреди мигрантката починала откако била пренесена во ЈЗУ Општа болница Гевгелија.

30 август – Истражна постапка против првоосомничениот во предметот „Планина“. Првоосомничениот по наредба на обвинителството се бараше со национална и меѓународна потерница од 2021 година заради постоење на основано сомнение дека како како главен организатор сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, предвидено и казниво по член 215 став 3 вв став 1 од Кривичниот Законик. Истражната постапка за предметот „Планина“ беше отворена во март 2021 година против 28 лица, од кои и против едно дете во судир со законот над 16 години. Бидејќи се работеше за две криминални групи што се занимавале со неовластена продажба на наркотична дрога беа донесени две Наредби за спроведување на истражна постапка. Во тогаш спроведените акции на територијата на село Грчец и населбата Гази Баба беа лишени од слобода 22 лица, а петмина меѓу кои и првоосомничениот беа во бегство. Во меѓувреме, односно во септември 2021 година и во текот на 2022 година три лица од осомничените лица недостапни на органите на прогонот се лишени од слобода и истражната постапка против нив продолжи. Предметните обвинители постигнаа спогодба со 14 обвинети лица за кои судот ги прифати предлог спогодбите и донесе пресуди со кои на осум лица им определи казна затвор во траење од по 3 години, на две лица во траење од по 3 години и 6 месеци, три лица се осудени на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци и едно лице на 5 годишна затворска казна.

19 јули – Под истрага 15 лица за даночна измама, злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело. 11 лица сториле кривично дело Злосторничко здружување од чл.394, од нив деветмина се осомничени дека сториле и кривично дело Даночна измама од чл.279-а, додека третоосомничениот освен за овие две кривични дела, заедно со останатите четворица осомничени и осомничените правни лица се товарат дека сториле кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик.

Ги поделиле своите улоги, па така, првоосомничениот го користел својот должничко доверителски однос со едно правно лице, а второосомничениот бил задолжен да наоѓа фиктивни правни лица и да формира нови правни лица преку кои ќе генерираат фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи. За таа цел на располагање имале осум правни лица со кои реално, но не и формално управувале. Како раководно лице во УЈП, третоосомничениот иако немал надлежност, од вработените во УЈП, електронски добивал известувања и постојано бил во тек со фиктивниот поврат на незаконски средства врз основа на одобрени барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок и тоа исклучиво за фиктивните даночни гаранти.

05 јули – Истрага за криумчарење на луксузни автомобили, осомничени 20 лица. По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против осум лица за продолжени кривични дела – Криумчарење, Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, Компјутерски фалсификат и Фалсификување исправи.Уште 12 физички и едно правно лице се осомничени за кривични дела кои се гонат во скратена постапка. Меѓу осомничените се и пет службени лица – референти за управни работи во МВР. Во текот на претходната постапка обезбедени се докази дека во текот на 2021 и 2022 година, осомничените организирале и учествувале во пренесување на патнички моторни возила избегнувајќи ја царинската контрола како непријавена стока во вкупна вредност од големи размери, употребувале лажни јавни исправи како вистинити за да ги регистрираат автомобилите, по што ги продавале возилата за кои знаеле дека се предмет на кривично дело.

30 јуни – Предметот „Скопје 2014“ . По опсежно спроведена постапка КО.Бр.9/20, по прибавени докази по пат на меѓународна правна помош од пет странски држави, во овој предмет во ОЈО ГОКК се спроведува истражна постапка против 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои освен македонски државјани има еден државјанин на Р. Италија и 3 италијански правни лица, поради основано сомнение за сторени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 од КЗ и Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик.

18 мај – обвинение за узурпација на дворот на поликлиниката „Бит Пазар“. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица за кривично дело – Узурпација на недвижности согласно член 225 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Двајцата соизвршители, на возраст од 45 и 42 години, заеднички со намера за владение зазеле недвижност во сопственост на државата, која со пропис е прогласена за имот во општа употреба со намера земјиштето да го упортребат за изградба на паркинг.

12 мај – Истрага за 11 сторители на кривично дело „Трговија со дете“. Припадниците на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Министерството за внатрешни работи реализираа случај во кој се лишени од слобода 10 лица. Реализацијата е резултат на повеќемесечна меѓуинситуционална истрага.

04 април – Четири лица под истрага за неовластено набавување и пренесување на кокаин. Единицата за недозволена трговија со дрога при Министерството за внатрешни работи спроведе акција на неколку локации во Скопје и Прилеп, при што се лишени од слобода четири лица.

30 март – 10 лица осомничени за сексуална злоупотреба и изготвување на порнографски материјал. шестмина се осомничени дека сториле кривично дело Трговија со дете од чл.418-г ст.3 од КЗ. Две лица се товарат за сторено кривично дело Полова злоупотреба на немоќно лице од чл.187 ст.2 в.в. со ст.1 и две лица за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193 ст.3 од КЗ.

22 март – Странски државјанин осомничен за криумчарење златен накит, цариник осомничен дека му помагал. Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за кривично дело – Криумчарење од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а второто за помагање при извршување на кривичното дело. На 20 март, на граничниот премин Аеродром Скопје, на влез во земјава, осомничениот 32-годишник со двојно турско и српско државјанство, пренел непријавена стока преку царинска линија.

Станува збор за над 43 килограми разновиден накит, во вкупна вредност од 2.200.000 евра. Во тоа со умисла му помогнал вториот осомничен со отстранување на пречките за извршување на кривичното дело.

Странскиот државјанин пристигнал со лет од Истанбул за Скопје и во просторот наменет за подигање на багажот го пречекал неговиот помагач, вработен во Царинската управа на РСМ, кој во тој момент не бил на смена и чија сестра патувала со истиот авион.

13 март – Две лица осомничени за грабнување, од член 141 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Тие на 3 март заедно учествувале во дејствија на грабнување на едно лице во Кисела Вода. Осомничените, на возраст од 30 и 25 години, се поврзуваат со исчезнувањео на Самоил, внук на Љубе Бошковски. Самоил се уште се води за исчезнат и не е пронајден до ден денес.

06 март- Ликвидација на две лица во Шиша бар во Старата скопска чаршија. Неколку маскирани лица со огнено оружје пукале кон двајцата кои починале на лице место. На лице место се убиени Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени.  Убиените се поврзуваа со скопското подземје.

10 Февруари – Серија кривични дела преку веб портал. При претрес во домот каде престојува едно осомничено лице, како и пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци беше откриена документација, електронски уреди, како и поголема сума парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од други кривични дела. Осомничениот сторил повеќе кривични дела: две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл.394-г. ст.1 од КЗ, едно кривично дело – Уцена од чл.259 ст.1 в.в.чл.19 од КЗ, едно кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од чл.157-б ст.2 вв ст.1 од  КЗ и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ. Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против осомничениот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост.

14 Јануари – Истражни дејствија против четворица припадници на затворската полиција. Постои основано сомнение дека осомничените – командир на надворешно обезбедување и тројца затворски полицајци вработени во КПУ Затвор „Идризово“ сториле кривично дело „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ од чл. 373 в.в чл. 22 од Кривичниот законик. Осомничените, по претходни насоки на првоосомничениот- командир, како службени лица, со умисла, преземајќи и непреземајќи дејствијата што биле должни да ги преземат му помогнале и му овозможиле на осуденикот Беким Мемети да избега.

Тие, откако осуденикот се самоповредил расекувајќи ја левата дланка и бил преврзан во домската амбуланта, не побарале лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место, туку по препорака на осудено лице, работно ангажирано во амбулантата, пристапиле кон дејствија самоиницијативно да го однесат повредениот во Ургентен центар. Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа.

Би можело да ве интересира

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Oткази за 15 високи службеници во МВР

А1он

Екс-директорот го украл ехо апаратот од болницата во Кичево

Партизацијата на МВР на дело, полицајци на партиски состаноци на ДПМНЕ обвинува СДСМ

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Тошковски удри по професионалците во МВР