Албанската опозиција ако не добие член во ДИК до 31 декември ќе го бојкотира Собранието

Од:

Албанската опозиција од коалицијата „Европски сојуз за промени“, вечерва упати ултиматум до Владата повторувајќи го своето барање за член во Државната изборна комисија (ДИК). Ако тоа не се случи до 31 декември, тие најавуваат дека ќе го напуштат и дека ќе го бојкотираат Собранието.

-Како коалиција сакаме да објавиме дека имаме конкретно барање до 31 декември Собранието да го изгласа нашиот предлог за член на ДИК. Ако не го изгласаат ние ќе го напуштиме Собранието, значи ќе го бојкотираме Собранието, истакна лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, по вечерашниот брифинг со новинарите што се одржа заедно со лидерите на Демократското движење, Изет Меџити, односно лидерот на Движењето Беса, Билал Касами.

Гаши рече дека ако власта не разбере дека без законски спроведени избори и состав на ДИК кој, како што посочи, е во рамки на Законот, Албанската опозиција нема да седи со вкрстени раце, ќе го бојкотира Собранието а потоа ќе преземе и други мерки.

-Но убеден сум дека после овој аларм, и меѓународната заедница, но и партиите од власта треба да разберат дека ние нема да се повлечеме од нашето законско барање кое ни следува да имаме член во ДИК, рече Гаши.

На прашањето дали ќе гласаат за Талат Џафери да биде премиер во техничката влада, Гаши рече дека без да се разјасни работата за членот на ДИК и за фер и демократски избори нема простор да се зборува за другите работи.

-Ние ќе бојкотираме во Собрание и ќе преземеме други радикални мерки за да и биде јасно на власта дека така не може да се оди на избори, а од друга страна целата одговорност да им припадне нив затоа што тие го предизвикуваат ова, рече Гаши.

Додаде дека тие имаат пратеничка група и дека сакаат да делуваат во Собранието, но, како што кажа, со ваков дискриминаторски пристап не можат да продолжат со делување во Собранието.

Претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, изјави дека коалицијата ќе биде алтернатива за граѓаните и за гласачите, дека нема да бидат класична опозиција само да критикуваат и дека ќе одат чекор понапред со нивни предлози и со нивна визија.

-Во однос на интеграциите сите тројца елабориравме дека ние сериозно сме посветени на тоа, нас ни треба Влада од 80 пратеници, Влада што четири години ќе работи во таа насока, а не Влада што ќе збори за интеграции а ќе прави корупција, нагласи Меџити.

Според нивното оценување, како што кажа Меџити, јавните и државните претпријатија имаат државен и економски монопол, а сепак работат со загуба и подвлече дека се основа на корупција, бидејќи според него, министрите коруптивните зделки не ги прават по министерствата туку по јавните и државните претпријатија.

-Тоа е главна карактеристика зошто луѓето се ставаат на црните листи и зошто имаме ваква економска состојба во нашата држава. Затоа ние ќе дадеме предлог јавните претпријатија каде што имаат придонес граѓаните во нивната изградба, 49 проценти од сопственоста на претпријатијата да се претворат во акции за граѓаните. Номиналната вредност на овие јавни и државни претпријатија во груба проценка е над 20 милијарди евра, тоа значи дека секој граѓанин на Македонија, без разлика на возраста, етничката припадност, приближно би имал ваучер од 10 илјади евра во акции, рече Меџити.

Како пример Меџити посочи на Македонски пошти кои иако имаат одлична инфраструктура низ државата, сепак, како што рече, ако не се субвенциите што се собираат од даноците на граѓаните, ќе бидат пред банкрот, додека приватните пошти кои функционираат по гаражи прават бизниси со милионски суми.

Претседателот на движењето Беса, Билал Касами, истакна дека седмиот член на ДИК не е само еден член, туку е целиот ДИК, и дека тие инсистираат на седмиот член за Албанската опозиција да има еднаква можност за политичка ротација.

Би можело да ве интересира

Меџити: До Нова година ќе се донесе нов Закон за игри на среќа, кој ќе биде поригорозен

Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се во паника и без визија

Меџити: Не падна влада со 61 пратеник, како би можело да падне мнозинство со две третини од пратениците

Катерина Ѓуровски

ДУИ: Омилената српско-бугарска компанија на Изет МегаВин Меџити веќе седум години нелегално организира онлајн коцкање

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада

ДУИ: Партијата се реформираше со заминувањето на Изет Меџити