Во Кичево и Струмица е надминат прагот на аерозагадување бидејќи два дена мерните станици покажуваат високи концентрации на ПМ10 честички повеќе од дозволеното, соопштија денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од МЖСПП наведуваат дека согласно Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, надминат е прагот на аерозагадување во Кичево и во Струмица.
Завчера во Струмица се измерени 185.32, а вчера 206.12 микрограми на метар кубен. Во Кичево завчера се измерени 152.26, а вчера 179.96 микрограми на метар кубен. Поради ова Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство за Струмица препорачува повеќе препораки и мерки. Се препорачаат на сите правни субјекти (работодавачи) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавачи) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот. Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Од МЖСПП наведуваат дека Владата треба да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 отсто) употребата на службените возила и да се обезбеди ограничување на работите на градежните објекти/
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа потребно е да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Министерството за здравство, како што се наведува, треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина да започне со вршење на зачестена контрола на инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека ќе подготват и достават Препорака до инсталациите кои поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 отсто) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
– ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините, стои во соопштението од МЖСПП.