Пендаровски бара државата да остане на патот кон ЕУ, Ковачевски вели уставните измени мора да има, а Мицкоски сака достоинствено решение

Од:

Државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024-та и какви ќе бидат раздвижувањата по изборите за Европскиот Парламент и претседателските избори во САД, порача шефот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците во Собранието.

Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски останува на ставот дека тие ќе направат се земјата да го продолжи евроинтеграцискиот процес, и е уверен дека на изборите на 8 мај 2024 година ќе победи Европскиот фронт. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во контекст на ЕУ и уставните измени вели дека ВМРО-ДПМНЕ е спремно откако ќе ја формира новата Влада да разговара за нешто што претставува достоинствено решение и достоинствено сценарио.

Во Своето обраќање пред Парламентот вчера претседателот на државата нагласи дека евентуалното забавување, уште повеќе, како што посочи, целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи.

-Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата. Последните одлуки на Европскиот совет, за жал, го потврдија песимистичкото сценарио за Западниот Балкан, кое некои дипломатски кругови го најавуваа од почетокот на војната во Украина. Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кој практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно дополнително ќе придонесе за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен „Обединета Европа“. Изјавата дека ќе биде геополитичка катастрофа ако Украина и Молдавија добијат приоритет во однос на Балканот не е моја, ниту на некој македонски политичар, туку на австрискиот министер за надворешни работи во која се содржани сите наши фрустрации и изневерена надеж, рече Пендаровски.

Во однос на уставните промени, шефот на државата нагласи дека идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност.

-Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија, порача претседателот на државата.

Во тој контекст го спомена Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, на кој, како што рече, како член на македонската делегација, директно сведочел за пропуштената историска прилика, поради национално неединство и ситни партиски калкулации.

-Десет години потоа, прифативме многу полош предлог, а, севкупно, изгубивме 12 години надвор од Алијансата. Не верувам дека историјата се повторува во идентични циклуси, меѓутоа, постојат сличности со тоа време во домашниот политички амбиент, при што, како и тогаш, некои мислат дека Европа и светот ќе чекаат на нас. Се разбира, политички е сосема легитимно да бидете против европската преговарачка рамка, но, политички е доблесно, исто така, да признаете дека постои огромна разлика помеѓу она што Бугарите го бараа од нас на почетокот, и она што од сите тие барања остана на крајот во тој документ, истакна шефот на државата.

Тој изрази длабоко уверување дека ниту еден од денешната генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања, затоа што, како што посочи, „нашите црвени линии не ги утврдивме ние, нив одамна ги имаат утврдено оние кои ја формираа оваа држава во 1944-та година со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ“.

Пендаровски се осврна и на македонско-бугарските односи, нагласувајќи дека Софија направилa серија лоши потези, кои довеле до заладување на односите, но додаде дека во интерес на Северна Македонија е да има продуктивна соработка со сите соседи.

-Дали владите на Бугарија во последниве години, сосема непотребно, повлекоа серија лоши потези кон македонскиот народ – повлекоа, дали довербата на Македонците кон источниот сосед во голема мерка е разнишана и ќе требаат години, можеби и генерации таа да се обнови – и тоа е неспорно, но, сигурно не е во наш стратешки интерес да правиме непријател од Бугарија, затоа што, наш интерес е да имаме стабилно опкружување и продуктивна соработка со сите соседи, наместо бесполезно да ја трошиме енергијата со нив, расправајќи се за историја, нагласи Пендаровски.

Во своето обраќање пред пратениците претседателот на државата потенцира дека со одлагање на уставните промени ќе се пропушти уште една прилика која може, како што рече, да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија, додаде претседателот, сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на „емигрантска Македонија“ – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија.

Во контекст на евроинтеграциите, премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите повтори дека имаме јасна преговарачка рамка и оти не е кажано дека има нови услови покрај уставните измени.

Коментирајќи ја изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел дека услов за продолжување на европскиот пат на државава не се само уставните измени туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола, Ковачевски рече дека таа не кажала дека има нови услови.

-Ние имаме многу јасна преговарачка рамка. Таа рамка има обврски за Европската Унија и за Северна Македонија. Ние, во Брисел, на последниот Самит на Западен Балкан со ЕУ и на последниот Европски совет, имавме најјасен заклучок досега од добивањето на кандидатскиот статус со ЕУ. Во параграфот стоеше, Република Северна Македонија успешно го заврши скрининг процесот, рече премиерот, на новинарско прашање.

Останува, нагласи тој, државата да ја исполни својата обврска за спроведување на амандманите на Уставот и веднаш без одлагање да биде закажана втората меѓувладина конференција.

– Благодарение на тоа што истите политички партии што го блокираа влегувањето во НАТО и го блокираат почнувањето преговори со ЕУ скоро две децении, не поддржаа одлука за европска интеграција на државата, ние имавме празен гол, пенал, и заради тоа Република Северна Македонија воопшто не шутираше, во фудбалски жаргон. Сметам дека таков чист параграф во однос на заклучоците на ЕУ никогаш Северна Македонија досега немала, подвлече тој.

Што се однесува до другите односи што ние го имаме со Република Бугарија, појасни, тие се однесуваат на договорот за добрососедство и тие се на билатерално ниво за кое што постојат и меѓуресорски комисии и експертски комисии што работат.

-Меѓутоа, преговарачката рамка се однесува на поглавјата, ние го завршивме скринингот исклучително успешно и преговорите се водат по тие поглавја. Погледнете ги заклучоците, таму многу јасно што стои, што Македонија треба да направи, за да веднаш, без никакво одлагање и дополнително закажување, биде свикана втората меѓувладина конференција. Сето друго е дневна политика што никому не оди во прилог, освен на оние што не сакаат да ја видат земјата интегрирана во Европската Унија, истакна Ковачевски,на настан по доделување изводи на досега неевидентирани лица во матичната книга на родените.

Премиерот рече дека е сигурен оти на парламентарните избори во 2024 година граѓаните ќе имаат можност да изберат помеѓу два блока на политички понуди, без да прецизира дали тоа ќе значи поширока коалиција. Ова тој го кажа на новинарско прашање која е најдобрата опција за СДСМ – да одат сами на избори или со заеднички настап со партија од албанскиот политички блок.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, за изјавата на Габриел рече дека бугарската министерка за надворешни работи „им ја плесна вистината во очи“ и тоа е вистината за која што тој и ВМРО-ДПМНЕ зборувале година и половина.

-На јавна сцена се виде дека Маричиќ, Зечевиќ, Ковачевски, Ахмети, Османи, Груби го лажат народот во Македонија дека ова е последната пречка. Не е последната, рече Мицкоски.

Ова, според Мицкоски, е само почеток на проблемите кои следат затоа што, како што вели, без општествена поддршка и без консултации со опозицијата потпишале договор со цел да го завршат својот проект две години власт.

– Едниот да биде премиер, другиот генерален секретар, а другите да станат милионери на грбот на македонските граѓани, тоа беше проектот. Сега имаме сите ние проблем кој за жал повторно ќе треба ВМРО-ДПМНЕ да го решава, но и граѓаните во Македонија во периодот кој следи. За ова зборувавме повеќе од година и половина, за ова предупредувавме и за жал со тоа што го направија, направија огромен проблем за сите нас, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ е спремно откако ќе ја формира новата Влада да разговара за нешто што претставува достоинствено решение и достоинствено сценарио.

-Очекувам дека и ЕУ, но лидерите доколку навистина сакаат Македонија да ја видат во ЕУ да престане оваа голгота што трае повеќе од две децении каде Македонија, македонскиот идентитет и народ, се предизвикани од страна на некои неразумни соседи со нивните политики. Ќе ве потсетам тоа се започна со ветото кое го добивме поради спорот со името, а потоа идентитетските проблеми со нашиот источен сосед, видовме дека можело да се носат одлуки доколку имаме разумни лидери во рамките на ЕУ. Очекувам разум и дека наскоро ќе биде отстрането ова вето и дека Македонија наскоро ќе ги почне преговорите она кое што и припаѓа многу одамна, рече Мицкоски.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Мицкоски повторно демонстрира лицемерие и паника по консолидацијата на СДСМ

(ВИДЕО) Мицкоски: Денот на албанската азбука, симбол на образованието и напредокот на албанскиот народ

Мицкоски: Јас ја водам Владата исклучиво од интересите на мојата татковина

СДСМ: Синдикалната кошничка порасна за 772 денари – граѓаните плаќаат за неспособноста на владата

Мицкоски: Се доближуваат ставовите во однос на каматата за унгарскиот заем со банкарската асоцијација

СДСМ: Со буџетот Владата ќе троши на чоколадо, а за граѓаните сув леб

Горан Наумовски