Наскоро се очекува да почне реализацијата на четвртата кредитна линија од Европската инвестициона банка (ЕИБ) во износ од 100 милиони евра, најави денеска премиерот Никола Груевски во обраќањето до стопанствениците.
– Македонската банка за поддршка на развојот во соработка со Министерството за финансии ја има отпочнато постапката и се очекува договорот да се усвои од Бордот на ЕИБ до крајот на октомври. На почетокот на ноември се очекува компаниите да почнат да аплицираат за средствата од оваа кредитна линија, истакна Груевски.
Со тоа компаниите ќе имаат пристап до поволни кредитни средства со фиксна годишна стапка од 5,5 отсто и рок на отплата до осум години за инвестиции и до три години за обвртни средства.
Досега од кредитните линии на ЕИБ во вкупен износ од 250 милиони евра повлечени се вкупно 222 милиони евра за реализација на 761 проект и за отворање на нови 4.782 работни места. До крајот на септември се очекува повлекување на уште 6 милиони евра за нови проекти за што на располагање од третата линија остануваат уште 22 милиони евра.
– Овие кредитни линии се покажаа како најповолни и најстабилни извори на средства за македонските фирми во кризниот период кога кредитните од сопствени извори на банките бележеа намалување. Навремената интервениција на Владата со поволни кредити се покажа како најадекватен одговор на кризата и тие кредити беа речиси единствен извор на ликвидни средства за македонските компании, оцени Груевски.
Нагласи дека се анализираат можностите за воведување на нов инструмент – осигурување на кредитите за подготовка на извоз кој е наменет за компаниите со квалитетни извозни програми.
– МБПР со осигурувањето на кредитите за подготовка на извозот ќе ги покрие ризиците од ненаплата на реализираниот извоз или неплаќање заради стечај или неликвидност, појасни Груевски.
Во план е и воведување на нов инструмент за осигурување на гаранциите кои ги издаваат македонските банки на наши фирми кои учествуваат на меѓународни тендери. -Со овој инструмент ќе се подобрат условите за македонските извозници кои се соочуваат со недостаток на колатерал кој го бараат деловните банки за иадавање на тендерски гаранции и на тој начин ќе се олесни и охрабри учеството на макеоднските компании на на меѓународни тендери , односно во други држави, истакна Груевски.
Осврнувајќи се на Законот за стечај, Груевски најави дека за еден или два месеца Владата треба да изготви специјален закон со кој треба по брза постапка да се решат останатите 89 стечајни постапки.
До 2016 година се очекува и целосно да се воспостави едношалтерски систем за домашни и странски инвеститори.