Компанијата „Орка Холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев достави известување за намера за преземање на тетовски „Жито Полог“, каде семејството Камчеви и досега го имаше најголемиот дел од акционерскиот капитал.
„По добивањето на дозвола за понуда за преземање од страна на Комисијата за хартии од вредност, понудата за преземање ќе бидат јавно објавени и достапни за акционери на Жито Полог“, се наведува во известувањето објавено од „Жито Полог“ на Македонската берза.
Македонска берза извести дека донесен е заклучок за внесување на издавачот „Жито Полог“ АД Тетово на „Листата за набљудување“ што се објавува на веб страница на Берзата, согласно Правилата за котација.
Според Централниот депозитар за хартии од вредност „Орка Холдинг“ во моментов е сопственик на 24,98 отсто од акциите во „Жито Полог“, додека самиот мелнички комбинат поседува 20,6 отсто од акциите.
Оваа намера на „Орка Холдинг“ доаѓа неколку дена откако САД ги стави Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева на „црната листа“ на бизнисмени и функционери за кои постојат сомнежи дека се вмешани во корупција.