Генералниот секретаријат на Владата склучи договор за јавна набавка со Друштвото за филмска продукција „Вертиго-НМЕ ДОО“ за сума од 355.000 евра или 21,8 милиони денари, кое треба да организира и да спроведе владина кампања од јавен интерес во траење од 45 дена.
Критериум за доделување на договор беше најдобар однос помеѓу цената и квалитетот иако Секретеријатот доби само една понуда, токму од продукциската куќа „ВЕРТИГО-НМЕ“ и таа изнесуваше 18.497.355 денари или 300.000 евра без ДДВ.
За потребите на кампањата оваа фирма ќе и наплати на Владата по 73.800 денари без ДДВ за изработка на слоган и за дизајн на лого, 123.000 денари за изработка на идејно решение за комуникациска стратегија со вклучени идејни решенија за пораки, надворешно рекламирање, промотивни видеа и анимации.
За изработка на идејно решение за ПР стратегија ќе се потрошат 369.000 денари или 6.000 евра, додека за изработка на ПР стории, интервјуа, соопштенија, настани, подготовка на материјали за промовирање во медиумите пакетот услуги ќе чини 2.878.200 денари или околу 47.000 евра.
Изработката на главни пораки за секоја од посочените области поединечно ќе чини 92.250 денари, визуелниот идентитет на кампањата ќе чини 184.500 денари. За пет билборди Владата ќе плати по 36.900 денари без ДДВ, за продукција на пет видеа по 1.937.250 денари (31.500 евра) или вкупно 9.686.250 денари без ДДВ, односно 157.500 евра.
Десет видео анимации ќе ја чинат Владата, односно граѓаните вкупно 1.783.500 денари, додека за дигитална стратегија на социјални мрежи со вклучени решенија за банери, графички решенија за социјални мрежи и текстови за профилите на истите, ќе се издвоијат 553.500 денари без ДДВ.
Банерите ќе чинат 2.500 евра или по 250 евра еден, графиката за социјални мрежи е 92.250 денари или околу 1500 евра, додека за изработка на текстовите на два профили на Фејсбук и два на Инстаграм ќе се платат 270.600 денари. Изработката на идејно решение за медиумска стратегија е 123.000 денари.
Закупот на позиции за надворешно рекламирање за 45 дена е 882.525 денари или 14.350 евра, за дигитално рекламирање ќе се потрошат 412.911 денари или 6700 евра, за рекламирање на социјални мрежи се издвоени 467.769 денари или 7600 евра.