Израел го ревидираше бројот на загинатите во нападот на Хамас на 7 октомври од 1.400 на 1.200, изјави денеска за AFP портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лиор Хајат.
„Ова е нова проценка“, рече Хајат, без да даде образложение за новата бројка.
Новата бројка од 1.200 загинати, главно цивили, кои загинаа во напад на палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври беше дадена во соопштението објавено од Министерството за надворешни работи.
„Терористите на Хамас ладнокрвно убија околу 1.200 луѓе и киднапираа 240, меѓу кои деца, жени и постари лица“, се вели во соопштението.
По 7 октомври израелските власти работат на идентификување на телата пронајдени на различни локации во јужен Израел.
Пред повеќе од еден месец Израел објави војна за да го „уништи“ Хамас, кој е на власт во Појасот Газа.