ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на собраниската работна група за имплементирање на препораките од извештајот на комисијата за настаните од 24 декември, поднела писмен-предлог за измени на Деловникот, Законот за Собрание и Кривичниот законик, со кој, како што истакнуваат од партијата се опфаќаат најголем дел од препораките.
– Ние во предлозите за измена на Деловникот, на Законот за собрание и Кривичниот законик практично ги копираме препораките односно ги внесуваме така како што се напишани во извештајот на Комисијата, а се прифатени од сите нејзини пет члена, изјави Илија Димовски, член на работната група од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата предлага постапката за носење на буџетот да има прецизно утврдени рокови. Буџетот треба да биде доставен три месеци пред истекот на календарската година, а да биде донесен до претпоследниот четврток во годината. Се предлага општа расправа по буџетот на комисија да трае 4 дена, амандманската 7 дена, со тоа што однапред ќе се знае периодот кога ќе се одржува. Рокот за амандмани се зголемува од два на три дена. Доколку за периодот од 7 дена не се усвојат сите амандмани, комисијата сепак ќе мора да изготви извештај, а Владата треба да се изјасни по тие амандани, и потоа дополнетиот предлог да го врати во Собрание.
Предложени се измени кои се однесуваат на координациите, на работата на анкетните комисии, за надзорните расправи за усогласеност на водењето на седниците на комисиите и на Собранието со Деловникот. Има измени и за кривична одговорност за напад на службено лице со едностепено зголемување на казните.
ВМРО-ДПМНЕ има предлози кои се однесуваат и на Етичкиот кодекс со кои се предвидува опомена, опомена пред исклучување или исклучување на пратеник од работа на седница на Собрание на 1, 2 или 5 дена за недолично однесување, упатување навреди, попречување на седницата. Доколку биде исклучен некој пратеник, ќе се соочи и со намалување на палата во висина од 5 проценти за секој ден во кој бил исклучен. Измените кои се однесуваат на етичкиот кодекс, на собраниското обезбедување, според предлогот на ВМРО-ДПНМЕ би се донеле најдоцна шест месеци по усвојување на измените на Деловникот, Законот за Собрание и Кривичниот закони.
– Предлозите кои ги нудиме се копирани онака како што се напишани како препораки што сме ги прифатиле како членови на комисијата. Препораките би потенцирале дека се со потпис на петте членови на ад-хок комисијата од кои двајца по официјален предлог на СДСМ. Една од препораките регулира дека сите одредби коишто се однесуваат на работа на пленум односно на седница на Собранието, а ги нема како одредби за работа на собраниските тела ќе се применуваат и за нив. Во таа смисла таа препорака е усогласена помеѓу партиите и ние се надеваме дека усогласеноста значи прифатливост на таа одредба. Таа одредба е една од одредбите од препораките кои ги копиравме и ги внесовме како норматив во предлогот за измена на Деловникот, рече Димовски.
Според него, отворањето на сите препораки одеднаш, а не етапно, се прави обид да се избегне можноста одредени препораки во поодмината фаза да останат неимплементирани врз база на можноста секоја партија да бира дел од препораките кои нејзе и одговараат.
– На овој начин ние ги отворивме сите прашања на маса со предлог за изменување на Деловнкот, Законот и Кривичниот закониик и веројатно ќе ги затвораме едно по едно како што ќе се усогласуваме. Но, потенцирам не сакаме да се доведеме во ситуација дел од препораките да не бидат импелментирани заради тоа што една, друга или трета страна ќе бира која од препораките ќе биде имплементирана. Со одговорен пристап и примена на препораките така како што се напишани во Извештајот и со отсуство на желба на правење на проблем може да се постигне вака како што сме предложиле со дополнителни договори и најголем дел од препораките да ги затвориме до 1 октомври, рече Димовски.
Неџати Јакупи кој е претставник во работната група од ДУИ е оптимист дека по сите прашања би можел да биде постигнат договор.
– Интенцијата на работната група е да се завршат сите задачи во роковите до 1 октомври и ако е возможно пред извештајот на Европската комисија 15 октомври. Јас сум оптимист според тоа како се одвива работата во работната група мислам дека ќе најдеме консензус по однос на сите прашања. Ценејќи го нивото на дебатата и одговорноста која ја пројавуват сите пет члена на работата група нема да има проблем во однос и на тоа буџетот да биде поднесен во Собрание до 1 октомври, рече Јакупи, иако како што посочи, приоритет би требало да биде буџетската постапка.
За сите предлози на ВМРО-ДПМНЕ, рече, свото мислење ќе го изнесат утре на седница на работната група.
ДУИ смета дека ограничувањето на дискусиите не треба да важи на седници на комисиите, во интерес на квалитетна дебата.
СДСМ смета дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се отворат сите прашања одеднаш е отстапка од договореното и обид да се блокира рабоатата на групата.
– По две недели работа и три средби претставниците на ВМРО-ДПМНЕ го променија своето мислење, однесување и договор со кој заеднички функциониравме и во таа смисла се договоривме да работиме на два приоритета, а тоа е буџетот и корекција на ограничување, временски и скратени постапки. Тие вчера изненадувачки го променија своето мислење што е прилично несериозно и неодговорно за работа на работна група во која сите одлуки се носат со консензус. СДСМ смета дека предлозите на ВМРО-ДПМНЕ кријат политички маневар за потенцијално блокирање на работата на работната група и непостигнување на консензуален договор, рече Ивановски.
Додаде дека доколку се случи тоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде одговорна, како што рече, за негативните критики што Македонија ќе ги претрпи од Брисел и за лошто функционирање во Парламентот.