Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова го праша дало Артан Груби дали за него важи законот за влада и од каде му правото да делува како менаџер на „Бехтел и Енка“ повикувајќи ги граѓаните да се вработат во конзорциумот кој ќе ги гради коридорите 8 и 10 Д.
– Бидејќи во член 8 од законот за влада пишува дека таа ќе обезбеди слобода на пазарот и ќе оневозможи монополска положба, па не може вицепремиер да биде менаџер и прашањето ми е од каде му правото да делува како менаџер на „Бехтел и Енка“ – рече Силјановска-Давкова.
Првиот вицепремиер на ова се присети дека и ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година правела кампањи за работни места во странските компании, притоа заборавајќи дека неговата партија од 2008 до 2017 беше дел од тие влади на Никола Груевски.
– Се сеќавам во минатото, во три Влади на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година тогашниот премиер, министер за финансии при секоја инвестиција повикуваа на вработувања во тие компании, тоа беше цела кампања за работни места. Ништо не е различно ниту со Бехтел и Енка кој го финансира државата и овозможува да се отворат над 2.000 работни места. Пола од вас знаете дека е правилно уставните измени да се усвојат, знаете дека нема пенали за Бехтел ,а три месеци зборувате за тоа.
Секоја теза која ја произведовте е наметната од партија, како чипувани ја спроведувате тука. Јас сум убеден дека и Ковачевски и Ахмети би сакале да имаат такви пратеници како вас. Очекувам да ми се извините за тоа, оти не знаете што ВМРО-ДПМНЕ правеше со кампањи во „Си-Ен-Ен“ и „Економист“ – обвини Груби.