Управниот одбор на АД Државна лотарија не донел посебна одлука за набавка на видео-лотариските терминали (ВЛТ), а потребата од нивна набавка не била посебна точка на дневниот ред, сведочеше денеска Христо Најданов, поранешен член на Управниот одбор на Државна лотарија, на судското рочиште за случајот „Лотарија“.
Најданов, кој бил член на Управниот одбор од 2017 година до 2 февруари 2024 година, посочи дека одлука за набавката не била донесена во периодот во кој тој бил член на ова тело. Сепак, рече дека за проширување на дејноста на компанијата и организирање електронски игри на среќа се разговарало и во периодот кога директорка била Катица Николовска Парнакова.
Одговарајќи на прашања од Јавното обвинителство за неговиот ангажман и начинот на именување во претпријатието, Најданов појасни дека на функцијата бил поставен од Владата како партиски кадар.
-Во Државна лотарија бев член на Управниот одбор, именуван од Владата. Мислам дека првиот мандат ми започна во 2017 година, некаде во август, иако не сум сигурен за точниот датум. Вториот мандат ми беше продолжен до февруари 2024 година, поточно до 2 февруари 2024 година, колку што се сеќавам – рече Најданов.
Запрашан на кој начин бил избран и која партија го предложила, сведокот посочи дека бил предложен од партијата ДОМ, како коалициски партнер во власта.
-Претпоставувам дека и другите членови беа предложени од своите политички партии. Не можам со сигурност да кажам за секој поединечно, но сметам дека најчесто се применуваше истиот начин на избор – рече Најданов.
Во однос на раководните структури, Најданов наведе дека во неговиот прв мандат директорка била Катица Николовска Парнакова, додека подоцна функцијата ја извршувал обвинетиот Перпарим Бајрами.
Говорејќи за начинот на работа на Управниот одбор, сведокот нагласи дека во првиот период седниците се одржувале со физичко присуство, додека приближно од 2021 година практиката се променила. Според неговиот исказ, понекогаш членовите немале доволно време детално да ги разгледаат документите пред да се произнесат.
-Подоцна, приближно од 2021 година, дневниот ред и дел од материјалите почнаа да ни се доставуваат електронски. Во некои случаи имавме доволно време да ги разгледаме, а во други не. Се случуваше материјалите да бидат испратени наутро, а од нас да се очекува да се произнесеме до попладне. Можам да зборувам за себе: понекогаш немав доволно време студиозно да ги разгледам материјалите. Колку што се сеќавам, одговорите на членовите најчесто беа позитивни. Немавме секогаш можност да се обратиме до надлежните служби за дополнителни објаснувања, особено кога стануваше збор за прашања за кои не сите членови имаа доволно познавања – изјави сведокот, додавајќи дека таквата практика продолжила сè до неговото заминување – истакна Најданов.
За постапката за набавка на ВЛТ-терминалите во текот на 2023 година, Најданов истакна дека првично имало потреба од формирање ново друштво за организирање електронски игри на среќа, но тврдеше дека Управниот одбор не донел одлука за конкретната набавка.
На прашањето дали Управниот одбор расправал за потребата од набавка на терминалите, сведокот одговори „колку што се сеќавам, тоа не беше посебна точка на дневен ред”.
Во врска со ставот на поранешната директорка Катица Николовска – Парнакова за проектот, Најданов рече дека не знае од кои причини таа била резервирана.
-Не можам точно да кажам од кои причини директорката Катица не сакала да го започне овој проект и зошто била резервирана во однос на него. Тоа не ми е лично познато – рече Најданов.
Сведокот рече дека за набавката на ВЛТ-терминалите дознал од медиумите, но не можеше да се сети точно кога. Исто така, од медиумите дознал дека терминалите не се во функција.
-Пред извесно време, повторно од медиумите, дознав дека терминалите не се во функција. Не знам што точно се случувало со нив, кога биле набавени или каков е нивниот статус – посочи Најданов.
Одговарајќи на прашања од одбраната на првообвинетиот Перпарим Бајрами, сведокот потврди дека имал доверба во стручните служби на Државна лотарија, вклучувајќи ги правната служба и секторот за финансии. Како причина за довербата во правната служба ја посочи работата на раководителката, која, според него, ги образложувала и аргументирала прашањата.
На прашањето дали како член на Управниот одбор преземал ризик потпирајќи се на доставените материјали, тој одговори потврдно.
-Да. Претпоставувам дека сите сме преземале одреден ризик во однос на материјалите што ни беа доставувани, односно ризик од одговорност – рече Најданов.
Посочи дека Управниот одбор одлучувал за финансиските извештаи, плановите и програмите на компанијата, додека Надзорниот одбор требало да врши контрола. Во однос на тоа дали набавката на нови ВЛТ-апарати била предвидена во финансискиот план за соодветната година, рече дека смета оти било предвидено да се преземат активности во таа насока.
Во текот на испитувањето, одбраната му го презентираше и записникот од неговиот претходен исказ пред Јавното обвинителство, даден на 10 февруари 2026 година. Најданов потврди дека потписите на записникот се негови, по што беше прочитан дел од претходниот исказ во врска со организирањето електронски игри на среќа.
На сите обвинети во предметот „Државна лотарија“ им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5, во врска со ставовите 4 и 1, како и член 22 од Кривичниот законик. Според обвинителниот предлог, делата биле сторени во текот на 2023 и 2024 година. За ова кривично дело е пропишана казна затвор од една до пет години.
Првообвинет во предметот е поранешниот генерален директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, а второобвинет е поранешниот вицепремиер Артан Груби. Во предметот се обвинети уште седум лица.
Груби минатата недела излезе од домашен притвор по истекот на максималниот законски рок за траење на оваа мерка. Неговата одбрана во меѓувреме доставила барање до судот за укинување и на дополнителните мерки на претпазливост. Како гаранција дека ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка, понуден е недвижен имот во вредност од 335.707 евра.
Обвинението за предметот „Државна лотарија“ беше поднесено на 13 август 2026 година, а Груби на судењето се изјасни за невин.
Поранешниот вицепремиер во февруари годинава се врати во земјата по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот и беше приведен на граничниот премин Блаце.
