Моментално водечкиот тим на италијанскиот фудбалски шампионат Милан се најде во голема криза на голманската позиција пред големото дерби против Јувентус кое е закажано за в недела. Откако првиот голман Мајк Маињан беше исклучен на натпреварот против Џенова во последното коло и поради тоа нема да му биде на располагање на тренерот Стефано Пиоли поради суспензија, се очекуваше вториот голман Марко Спортиело да застане на голот против Јувентус, но тој повреди мускул на потколеницата и ќе мора да мирува најмалку 10 дена.
Затоа, во недела на голот на Милан ќе мора да замине третиот голман на мрежата, 41-годишниот Антонио Миранте, кој последниот настап го имаше во април 2021 година кога беше член на Рома. По осум кола во Серија А, Милан е на чело со 21 бод, два повеќе од второпласираниот Интер, а четири повеќе од третопласираниот Јувентус.