Регионалниот пат Р1102 од Велес кон Катланово преку езерото „Младост“ е во фаза на целосна реконструкција, но делницата од клучката кај Башино село до ресторан „Бела Вода“ на крајот од езерото која е завршена е потесна во споредба со претходниот пат за 90 сантиметри.
По завршувањето на градежните зафати и одбележувањето на делницата кон езерото, граѓаните се жалат дека не можат да се разминат со своите возила, а предупредуваат дека ќе биде опасна кога ќе се разминуваат две поголеми возила како камиони или автобуси кои често носат туристи кон оваа локација.
Бидејќи се работи за регионален пат, рехабилитацијата ја изврши Јавното претпријатие за државни патишта. Таа беше поделена во две секции, првата во должина од 3,53 километри, а втората од 4,88 километри или вкупно 8,4 километри. Ширината на асфалтниот дел е 4,6 метри, а регионалните патишта треба да имаат широчина од 5,5 метри.
„Едвај да се разминат автомобил со автомобил. А столбовите на крајот убаво изгледаат, но не ти дозволуваат да избегнеш опасност“, „ Катастрофа,нема место ни за пешаци ни за велосипедисти. Да се викне државна инспекција и да се види каде се отидени тие пари. Стариот пат беше поширок“, „Резил!Небезбеден и возете бавно,две коли едвај се разминуваат!“, велат жителите на Велес.
„А1он“ го праша ЈПДП зошто е потесен патот, односно зошто не е 5,5 метри колку што изнесува ширината на регионален пат и дали можеби изведувачот направил грешка, но одговор нема.
На овој пат увид претходно увид вршеа и првите луѓе на ЈПДП заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Во правец од Велес кон езеро Младост заврши асфалтирањето на првите 1200 метри. Градежните зафати продолжуваат со реконструкција уште на еден километар во продолжение. Ќе се продолжи според предвиденото во овој правец, а исто така, се асфалтира и на првата секција“ – рече Ејуп Рустеми, директор на Јавно претпријатие за државни патишта.
Изведувач на работите е „JV INFRA EXPERT & VATO DOO“ кој е воведен во работа во август минатата година, а рокот за завршување на работите е девет месеци. Надзорот над работите го врши „ЕВРОКОНСЛАТИНГ“. Истовремено се работи и на делницата од Катланово кон Велес. Предвидени средства за реконструкција на овој патен правец, на двете делници, се 164,12 милиони денари или околу 2,67 милиони евра.