Просторот на манастирскиот комплес Трескавец, освен како милениумско духовно светилиште се потврди и како урбана античка заедница, добро организирана и на преку 1250 надморска височина. Археолозите ги заокружуваат 10-годишните истражувања констатирајќи дека се заокружува првата етапа од сеопфатните истражувања на античкиот локалитет Колобаиса кај манастирскиот комплекс Трескавец.
-Тоа значи дека има 10 археолошки етапи во користењето на овој простор, почнувајќи од доцното бронзено време, па се до раниот 20-ти век. Со сознанијата од годинашниве истражувања за доводниот и одводниот систем што биле користени, останува фасцинацијата дека пред речиси две илјади години знаеле да најдат решенија на кои денеска може да им позавидиме. Доводот на вода е особено кративно решен на надморска височина од околу 1250 до 1300 метри, а не помалку е креативно решението за системот на одвод, канализациониот, што овозможува оваа населба да функционира во севкупен урбан амбиент во вториот до раниот седми век, рече археологот Бранко Ристески кој ги води археолошките истражувања на античката населба Колобаиса кај Трескавец.
Сознанијата на археолозите им овозможија до крај да ја дефинираат античката населба Колобаиса, во двете основни етапи, што е нов момент во културноцивилизациските процеси на еден многу значаен пункт во рамките на северна Пелагонија. Комплексот е познат како духовно светилиште, зашто имало две светилишта на Аполон и Артемида, потоа и ранохристијанска црква од 5 и 6 век и веќе од 12-тиот век е манастирскиот комплекс „Успение на пресвета Богородица“.
Догодина, преку основен проект, ќе се конзервираат досегашните истражувања. Тоа ќе донесе и заштита, ама и туристичка атрактивност.
-Сега е битна изработката на основен проект за конзевација, бидејќи овие остатоци заслужуваат да бидат предмет на сеопфатна конзерваторска постапка. Во тој поглед, прилепскиот Завод и музеј за идната година има поднесено проект за изработка на основен проект за конзервација на остатоците од античката населба Колобаиса. Тоа е основата за понатамошна заштита на овие археолошки остатоци. Воедно, тоа ќе значи и заштита на овој комплекс од порои, пожари и други непогоди, а ќе се стави и во туристички контекст, појаснува Ристески.
На манастирот Трескавец се обовени конаците по последниот катастрофален пожар на 4 февруари 2013 година. Во тек е изградбата на водоводот и мини – пречистителната станица без кои комплексот не може да се стави во функција.