ОН соопштија синоќа дека ги добиле сите неопходни документи за присоединување на Сирија кон Конвенцијата за забрана на хемиското оружје и оти договорот ќе стапи во сила на територијата на земјата на 14 октомври.
Портпаролот на ОН Мартин Несирски истакна дека генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун добил официјален документ од Сирија за присоединување кон договорот.
Портпаролот додаде дека Бан Ки-мун го поздравил тој чекор на Дамаск.
– Конвенцијата ќе стапи во сила за Сирија на 30-от ден по датумот на депонирање на тој документ за присоединување, а тоа е 14 октомври 2013 година, се наведува во соопштение на прес-службата на ОН.
Дамаск уште во четвртокот испрати писмо до ОН, во кое изрази согласност да се присоедини кон Конвенцијата за забрана на хемиското оружје и да ги почитува нејзините одредби.