ВИДЕО: Преспа – жедното езеро

Од:

Големото Преспанско Езеро има живот долг повеќе од два милиони години, во кој тоа доживеало и зголемени температури, и загадувања, и трошења на неговата вода, и жед, и кражба на неговите жители, но и донесени натрапници во него. Така, уште колку ли му се останати?

Во неогенот, или претпоследниот период во последнава ера од развојот на планетата Земја, период кој траел 20-ина милиони години, целата географска територија на Македонија била под вода – во езеро настанато од повлекувањето на морето. Кон крајот на овој период и преминот кон следниот, кој бил пред пред повеќе од два и пол милиони години, големата вода се повлекла и се формирале помали езера, како Охридското и Преспанското Езеро.

„Сите овие тектонски езера се зафатени со процес на стареење, кој процес претставува засипување на нивниот волумен со нанос. Наносот доаѓа од истекувањето на реките, кои се вливаат во езерата и поради тоа од некои поголеми езера останати се сега токму Преспанското и Охридското Езеро“, вели м-р Васко Стојов, хидролог и шеф на хидролошкиот оддел во Управата за хидрометеоролошки работи.

Преспанското Езеро се наоѓа на поголема надморска висина од Охридското Езеро и него го снабдува со вода преку бројни подземни канали под планината Галичица, чиј точен број научниците сѐ уште не го знаат. Според бројни научници и според НАСА, околу 20 проценти од вкупниот волумен на Охридското Езеро се од преспанска вода. Во стварноста не се само оние извори кои се видливи за голо око, туку многу се под вода.

„Она што е познато и пресметано, како една третина од снабдувањето на Охрид од Преспанското Езеро, е токму она што е измерено на изворот Тушемиштa, кој е околу 2,4; 2,5 м³ во секунда, и на изворот на Свети Наум во Северна Македонија, каде има значително количество вода до 7,5 м³ во секунда“, објаснува д-р Емануела Кири, хидрогеолог и инженер во Институтот за геолошки науки во Тирана.

„Преспанското Езеро има дополнителна вредност од хидролошки аспект, бидејќи ова езеро е од големо значење и за режимот на водата во Охридското Езеро, а преку него и за режимот на водата во Црн Дрим, кој припаѓа на Јадранскиот слив од којшто, пак, многу зависат и просторните вредности на западниот дел од државата, како и заштитените природни вредности на подрачјето на Р. Македонија“, се објаснува во Стратегијата на Хидробиолошкиот завод Охрид, за периодот 2019 – 2023 година.

Aко се исуши езерото Преспа, во Охрид нема да дотекува никаква вода“, нагласува м-р Васко Стојов.

Германски научници во 2013 година два месеци бушеа во Охридското Езеро и по осум години анализи, во 2021 година, соопштија дека утврдиле оти езерото е старо околу 1,36 милиони години, помалку од што стоеше дотогаш во научната литература, но и натаму таа возраст го прави најстарото езеро во Европа. Но, многу научници сметаат дека Преспанското Езеро е и постаро од Охридското, во кое многу негови живи суштества нашле прибежиште.

„Имајќи ги предвид компаративните истражувања на Охридското и на Преспанското езеро, произлегува дека голем дел од видовите коишто сега моментално го населуваат Охридското езеро, во минатото – значи кога збориме под минато подразбираме 50-100.000 години наназад, истите го населувале Преспанското Езеро. Па, врз основа на ваквите претпоставки и особено на претпоставките, на податоците што ги имаме за староста на Охридското Езеро, сето тоа ни укажува на тоа дека Преспанското Езеро постоело пред самото Охридско Езеро да биде настанато. Односно, дека најверојатно Преспанското Езеро е едно од најстарите езера не само во Македонија, во Европа, туку и во светски рамки“, објаснува проф. д-р Златко Левков од Институтот за биологија на Природноматематичкиот факултет во Скопје.

Проблеми во езерото настанати од човечка рака

Научниците на двете езера – Големото и Малото Преспанско Езеро, гледаат како на една целина, како на едно езеро, и покрај тоа што нивната природна врска на површината е попречена од човечка рака.

„Во 1967 година во грчкиот дел имаше преградна брана, командна брана. Поточно да кажам дека таа го спречи излевањето на езрските води од Мала Преспа во Голема Преспа, а тоа во голема мера го одржа водениот баланс на Мала Преспа. Како резултат на обилните врнежи и поплавите што се случија кон крајот на 1990-тите, оваа брана беше уништена. Во 2003 година беше испланирана нова, а во 2004 година грчката страна изгради командна порта која постои и денес и која ги контролира флуктуациите на водата на Малото Преспанско Езеро“, објаснува Васил Мале, раководител на Управата на заштитените подрачја на округот Корча.

Езерото во текот на својата историја имало периоди на драстични губења на водата и на нејзино повторно враќање, за што сведочат научни истражувања и архивски фотографии.

„Сме имале исто така периоди за време на 10 век, кога нивото на водата, кога Мала Преспа не постоела. Таа била само река. А, Голема Преспа била плитко езеро“, објаснува Мирсини Малаку, управен директор во Друштвото за заштита на Преспа.

Децениското испумпување на водата го смалува езерото

Но, дали сегашната состојба може да се препише само на природен циклус на езерото? Сите експерти кои ги контактиравме, а и бројните научни трудови што ги користевме, укажуваат на тоа дека има мноштво антропогени фактори, кои довеле до катастрофалната состојба во која е езерото. Еден од нив е земјоделието. Водата била и е сѐ уште користена за одгледување јаболки на македонска страна или грав на грчка страна, за чие одгледување се потребни големи количества вода. На македонска страна има илјадници бушотини за црпење вода, но нема нивен регистар. Се знае дека во минатото само од пумпите во Асамати и Сирхан се испумпувале вкупно по околу 2.000 литри вода во секунда. Подеднакво многу вода се користела и за албанското земјоделие.

„Според КФВ Банка студијата било пресметано дека биле користени од 20 до 40 милиони метри кубни вода на годишно ниво, која вода летно време била користена за наводнување“, објаснува м-р Васко Стојов, хидролог и шеф на хидролошкиот оддел во Управата за хидрометеоролошки работи.

„Земјоделството тука не е толку развиено како што е во Македонија и во Грција. Порано, пред 90-тите години нормално се употребуваше и со пумпи и со канали. А, во последно време тука, по 90-тите години, нема такви системи за наводнување“, тврди Пали Колефски, градоначалник на општина Пустец.

Во средината на 1970-те години во Албанија бил направен канал со кој езерото било поврзано со реката Девол, а целта била од него преку реката да се носи вода за Корчанското поле. Наместо тоа, реката преку каналот донела нанос во езерото и делот од Мала Преспа во Албанија е претворен во мочуриште.

„Мала Преспа, која е извор на храна за Голема Преспа, беше претворена во трска и тука е виновна албанската страна, да бидам искрена“
, признава д-р Емануела Кири, хидрогеолог и инженер во Институтот за геолошки науки во Тирана.

„Каде навистина може да се види влијание е Мала Преспа во Албанија, бидејќи речиси и да не гледате вода. Гледате само трски. И ова се должи и на еутрофикацијата, бидејќи трската расте многу повеќе. Порано, пред многу години, гледавте вода. Сега едвај гледате води“, нагласува Мирјам де Конинг, извршен директор на ПОНТ (Природен труст Преспа Охрид).

Еутрофикација е процес на зголемена биолошка продуктивност поради присуство на големо количество на хемиски материи, како фосфор или азот, кои завршуваат во езерото од вештачките ѓубрива користени во земјоделието. Силниот развој на алгите на површината ја намалува светлината потребна за оние на дното. Со нивното изумирање се создаваат токсични материи и се намалува количеството на кислород. Така изумираат рибите и другите организми.

„Во 1995 година е првиот момент кога е забележана појава на анаеробија, или недостаток на кислород на дното на Преспанското Eзеро. Ако продолжи таквиот тренд, а веруваме дека таквиот тренд продолжува, според податоците, оние организми коишто се врзани за дното, поради недостаток на кислород, со текот на времето истите ќе изумрат“, објаснува професорот Левков. „Проблемот моментално со Преспанското езеро не е толку нивото на водата, колку што е таканаречениот квалитет на водата“
, додава тој.

„Да, не е толку добра како што беше и многу е тешко да се оди кон чистата вода што ја имавме во 90-тите во Голема Преспа. Тоа е речиси невозможно. Луѓето мислат дека ако ги исечеме трските или ги отстраниме трските од бусените, сè ќе се реши. Не е така лесно. Бидејќи, тоа е како супа. Не можете да ја смените супата. Квалитетот на водата е енормно намален“, вели Мирсини Малаку Управниот директор на Здружението за заштита на Преспа.

Ние, мислам како деца, ја пиевме водата од езерото. Водата беше толку бистра, што се пиеше водата нормално. Од езерото ќе се напиевме и си игравме фудбал. Така што, водата имаше чистота. Зборувам некаде за седумдесетите – шеесет и петта, седумдеста година“, објаснува Љубен Котевски, пензиониран туристички работник.

Отпадните води и натаму го загадуваат езерото

Денес „на сите плажи нема проточна здравствено исправна вода за пиење и за туширање“, забележува македонксиот Институт за јавно здравје. Во последниот извештај за квалитетот и здравствената безбедност на површинските води за капење, од втора до петта категорија се класифицира површинската вода на Преспанското Езеро во однос на потрошувачката на кислород. Мострите се земани од крајот на март до почетокот на јуни и генералната оценка е дека површинската вода е одлична и може да се користи за капење. Но, се препорачува редовен мониторинг на користењето пестициди за овошните дрвја, како и редовна контрола на водата од загадувачи, посебно отпадните води во јамите во Стење и Претор, како и од пречистителната станица во Отешево, која не е реконструирана повеќе години. Институтот за јавно здравје препорачува итна изградба на колекторски системи со пречистителни станици во селата околу езерото, со што би се заштитило езерото од директно загадување.

И германската банка КфВ, која прекугранично е присутна со проекти во Преспанскиот регион, во одговор на прашањето што треба да се направи за да се спаси езерото укажува: „Квалитетот на водата во езерото во голема мера зависи и од квалитетот на управувањето со отпадните води во околните заедници. Инвестициите во сеопфатно и модерно управување со отпадните води можат да го подобрат квалитетот на водата во езерото“.

Како и на албанската страна, така и на македонската нема канализациски систем во населените места околу езерото и луѓето користат септички јами. Општината Ресен веќе има издадено седум одобренија за градба на канализациски системи и прочистителни станици, а парите за тоа доаѓаат преку проектот ЕУзаПреспа.

Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, потврдува дека во општината се користат септички јами. Прашан дали отпадната вода завршува во езерото, одговара: „Директно во езерото скоро и да немаме. Бидејќи ние имаме едно или две села што гравитираат на брегот. Генерално се во повисоките пределии и со септички јами се“.

Ја нема храната на Преспанското Езеро

Освен загадувањето и испумпувањето, на намалувањето на водостојот влијаат и климатските промени – зголемените температури и смалените врнежи. Тоа го забележуваат и двете пријателки Костадинка и Менка, кои во летниот период секој ден пешачат по час и половина во еден правец од Горна Горица во Мала Преспа до Стење на македонска страна за да продадат планински чај или рачно направени волнени чорапи.

„Порано кога идевме тука пред три години беше поубаво. Мостот беше во водата. Сега се повлече сѐ“, објаснува Костадинка Апостол од село Горна Горица, во Мала Преспа, Албанија. Нејзината пријателка Менка Китан додава: „Водата е многу намалена. И бунарите се многу намалени. По 10 метри имавме бунари. Сега нема. Сега зима нема како понапред. Порано имаше зима, врнеше снег. Сега снегот си отиде. Порано многу врнеше снег“. „Кога беревме чај на Галичица дупките беа полни со снег, а годинава кога беревме чај снег нема ич. И, од каде ќе дојде вода? А, порано во август дупките полни снег беа. Нема, нема снег. Овие последниве години многу се повлече водата. И од нашата страна и тука гледаме – премногу се повлече“, додава Костадинка Апостол.

Проф. д-р Спасе Шумка, професор на Земјоделскиот универзитет во Тирана проблемот го лоцира во врнежите. „Преспа има карактеристична континентална клима и врнежите мора да имаат сезонски карактер, така што тие мора да паѓаат наесен, мора да паѓаат во пролет, а мора да доминираат снежните врнежи, што веќе не се случува со години. Се сеќавам порано Преспа имаше четири месеци снег, а сега нема ни четири дена годишно. Снегот создава можност за бавна храна во 6-месечен период на езерото“.

Рекордно ниско ниво на водата било измерено од страна на македонската Управа за хидрометеоролошки работи на 14.11.2022 година: 9,93 метри пониско од вредноста која се смета за нормална за езерото. Проценката на УХМР е дека „најверојатно до крајот на октомври, ако нема нови врнежи, нивото ќе го надмине и тој најнизок забележан минимум“.

Три држави, две езера, една иднина

Трите држави немаат ни редовен, ниту заеднички мониторинг, а ниту, пак, иста методологија. Во 2000-та година меѓу грчкиот, македонскиот и албанскиот премиер и ЕУ беше потпишан договорот за прекуграничниот биосферен резерват Преспа, со кој се заштитија 832 км².

„Излегоа со слоганот: три држави, две езера, една иднина, што значи дека една е визијата за регионот на Преспа“, се сеќава Васил Мале, раководител на Управата на заштитените подрачја на округот Корча.

Но, Договорот за заштита и одржлив развој на Преспа паркот стапи на сила дури во 2019 година, откако беше ратификуван во парламентите на сите четири потписнички. На крајот на јуни 2020 година, поради пандемијата, на Интернет бил првиот состанок, на кој министрите заклучиле дека е потребна итна заедничка акција на сите нивоа од сите три крајбрежни земји. Но, итноста значела две години, па во јуни 2022 година работните тела со експерти се состанале во грчкото гратче Пили. Вториот нивни состанок треба да биде одржан оваа есен, како и повторниот министерски состанок, одложениот поради изборите во Грција.

„Има бројни дискусии, се разговара на состаноци меѓу владите, меѓу засегнатите страни, меѓу институциите, но во стварноста, во моментиве кога зборуваме, нема јасна стратегија за тоа како може да се реши овој проблем и како работата на сите овие институции и целиот овој интерес за Преспа може да се координира на начин што овој проблем ќе се реши многу силно и бргу“, оценува д-р Александер Трајче, извршен директор на организацијата ППНЕА.

„Не прави ниту нашата држава доволно, ниту пак трите држави заедно. Значи, лани 2022 година конечно почна со работа една комисија, или барем така ни беше кажано од министерство дека почна со работа една комисија составена од членови, од експерти од трите земји. Таа комисија 12 години порано беше формирана. Мислам, на хартија. И 12 години требаше да почне со работа и колку што знам јас еве денес, до денешен ден нема информации што има, дали има нешто направено оваа комисија“, вели проф. д-р Надежда Апостолова, професорка на Универзитетот во Валенсија.

Информации има дека Македонија лани во декември формирала своја експертска комисја, која треба да ги утврди проблемите од македонска страна. Направен е план со мерки, но:

„Она што сега ни останува е имплементацијата. Значи, сега да се спроведе овој акционен план потребни ни се многу човечки капацитети, зајакнување на истите, потребни се и големи финансиски средства“, вели македонската министерка за животна средина, Каја Шукова.

Според достапните податоци од Акцискиот план за заштита на Преспанското Езеро, за негова реализација потребни се најмалку 2.612.790 евра, пари од државниот буџет и странски донации. За контролирано црпење вода ќе се потребни 800.000 €, моделот на водостојот на езерото, метеоролошките станици и собирањето податоци за испарувањето ќе чинат 450.000 €, примената на планот за трската – 180.000 €, двапати по 160.000 € за утврдување каде одат водите од езерото, 90.000 € за нуркачки и спелеолошки активности и 50.000 € за снимки од дрон.

Загуба голема колку цело вештачко езеро

Снимки, но од сателит, користени од професорката Надежда Апостолова и нејзиниот колега на Универзитетот во Валенсија, Хуан Сорија, покажале колкава е загубата во Големото Преспанско Езеро.

„Во случајов станува збор за седум проценти губење на површината на езерото. Тоа изгледа можеби малку, меѓутоа тоа е огромна количина на вода. Станува збор за губиток на 53 милиони кубни метри вода. Тоа е како цело едно вештачко езеро да отиде. Како цела една акомулација. Огромна бројка е тоа. Тоа е едно што го изучивме, а исто така сакавме да изучиме и какви промени имало во врнежите и во температурите во овој период за да можеме да направиме компарација меѓу тие вредности. И трето, колегите од Шпанија, коишто се експерти во овој вид на изучувања исто така работеа и на тоа какви промени има во околината на Преспанското Езеро. Значи, дали има промени во интензитетот на она што го мерат – зелената боја, односно хлорофил“, објаснува професорката на Универзитетот во Валенсија, Надежда Апостолова.

Истражувањето покажало зголемување на зелената боја на сателитските снимки, што значи повеќе алги и повеќе хлорофил. Тоа покажало и дека падови во нивото на водата се забележани кога имало големи периоди на суша во Медитеранот. Дел од него цитираше и НАСА на својата веб страница.

„НАСА веќе подолго време е загрижена за тоа што се случува со езерата во светот. Нашиот проблем не е единствен во светот. Огромен број на природни езера се во ваква состојба или сосема исчезнуваат. И она за што исто така НАСА нагласи е дека станува збор за едно од најстарите езера во светот. Нашите езера, Охрид и Преспа, се древни езера, се во категоријата на древни езера. Што значи древно езеро? Древно езеро е езеро постаро од 130.000 години. Такви езера во светот има 20 или 30 можеби. Некои извори велат 20, некои 30, но најмногу 30. А, ние имаме две од тие 30“, нагласува професорката Апостолова.

Според неа, лошото менаџирање со водостопанството во последните 50 години резултирало со она што сега го гледаме во Преспанското Езеро.

„Езерото има темна иднина. Тоа е јасно. Живееме во време на големи климатски промени. Јужна Европа е особено на удар на овие климатски промени и работата нема да оди подобро. Знаете, ако земете еден сад со вода и тој испарува, нели. И колку помалку вода има толку побргу испарува. Така што, тој процес ќе се влоши“, објаснува професорката на шпанскиот универзитет.

Тоа влошување најмногу го чувствуваат жителите во сите три дела во Преспанскиот регион.

„Некаде од брегов 100 метри да одите во езерото внатре значи некаде ни метар нема длабочина. Ако потера вака времево со оваа суша, со сушни периоди, и тие сто метри ќе ги нема. Значи, ќе си замине езерото. Сѐ на сѐ – штета голема! Не за Преспа, за Македонија што ова езеро да го гледаш од сите страни е трска, тиња. Во Асамати е тиња сѐ – газиш и тонеш“, вели Љубен Котевски, пензиониран сопственик на туристичка агенција во Ресен.

На албанската страна Спасе Трпо, наставник по географија во средното училиште во Пустец, секој ден доброволно ги забележува параметрите во промената на климата, продолжувајќи ја работата на дедо му, кој од 1946 година ги следел податоците за езерото и температурите.

„И во периодите од 1946 година езерото има имано неколку клучни моменти. Во 1968 до 1973 година нивото на езерото беше поголемо од секогаш во историјата во нашето подрачје откако го паметат старите. Тоа било осум метра повисоко од денес. И повеќе од осум метра. И три моменти други се кога езерото има бидено на критична состојба: во 2008 година, во 2011 година и во последните две три години“
, вели Спасе Трпо, наставник по географија во средното училиште во Пустец.

Пред две години е ставена мерната станица во Пустец и податоците преку Интернет се пренесуваат во Тирана. Но, оваа година уредот не успеал да мери, бидејќи водата се повлекла. Тој добива струја преку соларен панел и на него има еден дел наречен око, преку кој се мери нивото на водата.

„Но, во некои периоди од оваа година не беше функционална поради тоа што излезе на суво. И потоа од дождовите во пролетта сега повторно функционира и сите податоци одат во Тирана – преку Интернет“, објаснува Трпо. „На вештачки начин никако не можеме ние да го решиме овој проблем, затоа што е природа и природата ќе си постои така како што си е. 09:34 И езерото и планината еден ден ќе ги снема. Затоа што тоа е природа. Се раѓаат, живеат, прдолжуваат и ќе ги снема. И ние нема ништо што да му направиме. Ама јас сум многу оптимист во тоа дека Преспанското Езеро ќе постои уште многу години“, додава Спасе Трпо.
Натрапници во езерото

На грчка страна се песимисти дека работата ќе се подобри, освен ако не интервенира државата со поголемо отстранување на трската и порибување. Уловот на риби е драстично намален.

Последните години водата падна многу и нема толку риби овие години. Последните години. Пред десет, петнаесет години секој ден најмалку 30 до 50 килограми крапови фаќавме. Сега може да одиш и да не фатиш ништо. Нормално фаќаме или една риба или ништо. Една риба од три до 5, 6, 7 килограми“, вели Јоргос Параскевопулос, рибар и сопственик на хотел. Неговиот татко Костас Параскеволулос додава: „Од пред десет, петнаесет години има една нова риба што е многу штетна и за птиците и за нас. Мала риба е и има многу боцки и како пирана е. Имаме видено птици, што ја имаа голтнато таа риба и не можеа да ја извадат. Им застанува во грлото“.

Се работи за рибата сончарка, која на перките има боцки. При убод тие тешко се вадат. Рибата потекнува од Северна Америка и преку грешки во порибувањата или намерно уфрлање е распространета во 28 земји во Европа и во Азија. Агресивната риба ги напаѓа другите риби и влијае на нивната популација. Во извештај од минатата година на Хидробиолошкиот завод во Охрид се посочува дека овој агресивен вид риба е внесен во Преспанското Езеро во средината на 1990-тите години. Таа риба, покрај што брзо расте, има и побрзо созревање и се размножува порано од другите риби. Освен што им го јаде подмладокот, таа со нив и се бори за храна. Од уловените примероци скоро 40 проценти биле од овој вид.

„Ако имаме проблем, треба да најдеме начин да го решиме. И ако проблемот е што немаме толку многу крап, затоа што имаме сончарка, тогаш зошто нѐ им помагаме, нѐ ги поддржуваме рибарите да ја извадат оваа сончарка? Лошо е за езерото, лошо е за биолошката разновидност, лошо е за ендемичните видови. Затоа, наместо да фаќаат крап, помогнете им, поддржете ги да ги извадат сите овие сончарки и да ги искористат за други намени. И, извадете ја од езерото. Ова се работи што ги прават, на пример, во Италија“, вели експертката Малаку.

Грчкиот градоначалник вели дека во следниве месеци почнуваат со активност, која треба да ги регистрира и проблемите со инвазивните видови.

„Да. Ние имаме една програма што е околу 200.000 евра за биодиверзитет, програма која ќе ги регистрира сите овие проблеми на езерата инвазивните риби, дали е потребно да се порибат, дали треба да се збогатат езерата? Ова ќе се разгледа преку програмата што се надеваме дека ќе започне во следните два месеци“, објаснува Панајотис Паскалидис, градоначалник на општината Преспа.

Грчко-македонскиот политички проблем околу името влијаел да нема средби меѓу албанските, грчките и македонските рибари.

„Ние, од наша страна, од албанска страна имаме побарано средби со грчката страна. Со грчката страна од 2006 година, поради проблемите што ги имаше со македонската страна, немаме остварено средба меѓу трите држави за езерото. Ние со македонската страна имаме правено средби и сега, оваа година направивме една средба за да се тргне повлечната мрежа“, објаснува Коста Трајче, претседател на Организацијата за рибарство на албанската страна од Преспа.

Потребата од средби е за заедничко утврдување на датумите за забрана на риболовот, поради мрестрењето на рибата. Кај македонската страна веќе било алармирано дека се случува шверц со риба, чија цена ја намалува онаа на пазарот во Албанија. Во Пустец видовме како се продава риба на улица, но не можеме да потврдиме од каде потекнува таа.

Злоупотреба на рибниот фонд регистрирало македонското МВР. Од 2021 до јуни 2023 година се затекнати 15 лица – во скоро сите случаи со двојно албанско и македонско државјанство, и во девет случаи се пронајдени рибарски мрежи и риболовен алат во езерото.

Што сѐ прави за да се подобри состојбата?

Невладината орагнизација „Еко герила Преспа“ пронашла нешто друго – 50 тони отпад, кој самоиницијативно го исчистила.

„Имаме спроведено повеќе од 20 работни екоакции низ крајбрежјето на Преспанското Езеро. Имаме исчистено три мали диви депонии. Имаме повеќе од 10 акции направени на ниво на градот Ресен. Со што со сигурност можам да кажам, бидејќи водиме интерен дневник на активности, дека имаме собрано преку 50 тони на комунален отпад. Комуналниот отпад најчесто се состои од отпад од домаќинствата, пластична амбалажа, стаклена амбалажа. Отпадот на малите диви депонии се состои од покуќнини, мебел, електрични апарати, мал градежен шут и слично“, објаснува Марија Ефтимовска, координаторка на проекти во Здружението за заштита на животната средина „Еко герила Преспа“.

На македонската страна, преку еден друг тип на чистење, односно филтрирање, се вадат неискористените вештачки ѓубрива од почвата – преку влажните ливади.

„Растенијата ги користат, односно ги примаат хранливите материи преку кореновиот систем и ги задржуваат во себе и тука со процесот на косење, кога имаме максимален раст или кога е максималниот период на цветање на растенијата, ако ние ги искосиме и ги отстраниме од овој хабитат, ова живеалиште, тогаш ние имаме практично отстранување на хранливи материи од хабитатот. И всушност затоа е многу важно косењето како мерка или механизам за одржливо користење на влажните ливади“, објаснува Драгана Пеликудовска, проектен асистент во МЕД.“Во периодот од овие четири години беа искосени околу 16 хектари на влажни ливади и беа произзведнеи околу 4.500 бали, коишто беа распределени на 15 различни фамилии коишто се занимаваат со сточарство во регионот. Исто така дел од балите сено беа доделени на Националниот парк Галичица, во репроцентарот за елени“, додава таа.

Во Грција веќе се прави систем капка по капка, кој ќе штеди 46 проценти од досега користената езерска вода. На македонска страна земјоделците биле тренирани за одржливи земјоделски практити и се размислува да се користат други јаболкови сорти, за кои е потребна помалку вода. Но, има уште многу да се направи.

„Морам да кажам, Албанија има пари за управување со заштитените подрачја, но Северна Македонија има 0 буџет за управување со националните паркови. Ништо од државата. Тоа не е прифатливо. Тоа не е од ова време. И во Грција финансирањето е ограничено од државата. Планот за управување со споменикот на природата на Преспанското Езеро не е одобрен во Северна Македонија и планот за управување со Националниот парк Преспа во Грција не е одобрен. Сега, зошто е важно да се одобри планот за управување? Затоа што тогаш законски можете да го спроведете тоа и можете да запрете одредени случувања. Ако тој не биде одобрен, можеби јаболковите насади ќе можат постојано да се доближуваат до ова езеро. Но, ако границите се јасни и одобрени, тогаш можете да го спроведете тоа и да кажете: ‘oвде е линијата’“, критикува Мирјам де Конинг, извршна директорка на ПОНТ.

Кога ќе се потцрта линијата колку организацијата што ја води – ПОНТ, и други организации, како ЕУ, УНДП, ЦЕПФ, но и германската банка КфВ, инвестирале во проекти во Преспанкиот регион, тогаш се доаѓа до бројка од најмалку: 38.428.581 евро.

„Теоретски, Преспа го има добиено целото потребно внимание. Имаше многу финансирања, имаше проекти од милиони евра низ годините, но во реалниот живот, во животот на жителите овие проекти направија мала разлика и факт е дека областа губи население, исто како и сите други области“
, објаснува Александер Трајче, извршен директор на ППНЕА.

Покрај за губењето на популацијата, трите држави немаат најдено решение ниту за спас на езерото. Фалaт континуирани биохемиски истражувања, но и истражувања за одливот на водата.

Прво, најверојатно нема и од технички аспект. Тоа е најверојатно опрема, којашто ние како држава ја немаме. А, за тоа ќе треба да седнеме и малку посериозно да позборуваме и со Република Албанија и со Република Грција за да направиме финансиско портфолио, да видиме кои се финансиските капацитети, кои се човечките капацитети во овој регион. А, ако не, да се бара можеби помош и пошироко, за да можеме да утврдиме“, вели македонската министерка за животна средина, Каја Шукова.

„Во изминативе 15 години, барем нашата лабораторија, нема добиено буквално ниту еден денар од страна на државата за спроведените истражувања. Иако во лабораторијата на катедрата на којашто работам веќе последните дваесетина години се направени огромен број на истражувања, сите тие биле базирани или на странски проекти или на странски донации“, нагласува професорот Левков, кој како манипулација го оценува тврдењето на Министерството за образование дека: „Средствата се доделуваа преку повик, а на истиот не е доставен проект, кој се однесува на Преспанското Езеро“, бидејќи конкурс за научно-истражувачки работи немало.

Сите гледаат шанса за подобрување на состојбата во Преспанскиот регион преку програмата „ЕУзаПреспа“. Времето ќе покаже колку тие 21.700.000 евра ќе им помогнат на Малото и Големото Преспанско Езеро.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева, Елона Елези и Есмералда Топи

Овој напис и документарецот „Преспа – жедното езеро“ беа
развиени со поддршка на Journalismfund Europe (www.journalismfund.eu)

Би можело да ве интересира

НАСА: Преспанското Езеро од 1984 до 2020 загуби седум отсто од површината

Горан Наумовски

Преспанското Eзеро е пред умирање додекa СДС И ДУИ тонат во матни бизнис зделки

Тело на битолчанец е пронајдено во водите на Преспанското Езеро

Горан Наумовски

Намален водостојот на Преспанското Езеро

Катерина Ѓуровски

Преспанско Езеро седум сантиметри под апсолутниот минимум, преполовени водостоите на повеќето реки,

Намалени нивоата на Охридско и Преспанско езеро