Деловникот дава можност да се одложува седницата, вели собранискиот спикер Талат Џафери, според кого, единствено Законодавно-правната комисија може да го толкува собранискиот Деловник. По обвинувањата од ВРМО-ДПМНЕ дека ја одолговлекува седницата за уставните измени, тој вели, процедурата е предвидена во Деловникот, кој дава можност нешто што е отпочнато во еден пратенички состав, да заврши во друг, доколку Владата го побара тоа. Но, во објаснувањето не кажа ниту збор за тоа дали ќе постапи по барањето, седницата за уставни измени да биде продолжена што е можно побрзо.
„Немам потреба за консултативна помош, автентично толкување може да даде Собранието. За автентично толкување на Деловникот може да даде Законодавно-правната комисија. Јас ве разбирам за наративот за член 196, бидејќи таму е опишано како почнува процедурата, но таа процедура не почнува на улица, туку во Собранието. И во глава 5 пишува дека е предвидена можноста да се прекинува седницата. Бидејќи дебатата е еден чекор во текот на седницата. Кога завршува тој чекор, се оди на друг чекор. Ако сакате да го разгледувате Деловникот делумно, може да не завршат процедурите. Може според член 178 една почната процедура во еден мандат, да продолжи во друг мандат, ако новата Влада сака да го продолжи тој предлог. Нема проблем прекинување на процедурата“, вели Џафери.
ВМРО-ДПМНЕ со денови бара продолжување на седницата за уставните измени, бидејќи според нив, рокот од 10 дена поминал на 1 септември. Мнозинството пак, се надева на поддршка од две-третини од пратениците и според нивното толкување, рокот од 10 дена е само за расправата, а седницата може да биде одложена и да не се одржи во овој пратенички состав.