Во однос на билатералните односи со Бугарија, сакам да бидам кристално јасен. Во овој контекст нашата држава не е подготвена за уставни измени. Има недостиг на доверба и недостиг на кредибилитет во однос на испораката кон нас како држава, така што во овој момент услови за уставни измени нема и Владата не е подготвена да преземе каков било чекор кон уставни измени.
Ова го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во одговор на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој е во прва официјална посета на земјата.
– Дали ние правиме конкретни работи поврзани со нашата европска перспектива, не сакам да бидам репетитивен бидејќи ова е тема што е многу актуелна во последниот период. Да, правиме. Првото е тоа што го правиме во однос на реформската агенда. Второто е тоа што го правиме во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, но многу повеќе е она што го правиме за имплементација на европските вредности. И на крајот на краиштата, слично со тоа што го кажа и господинот Берсе – за објективната посветеност на нашата држава кон европските вредности, кои некогаш се дури и поширок контекст од примената на заедничката надворешна и безбедносна политика – рече Муцунски.
Во однос на тоа дека денеска се очекува да биде врачен мандатот за составување влада на Бугарија на Румен Радев, Муцунски рече дека негова цел не е ниту да рецензира резултат од избори ниту да рецензира изјави што доаѓаат од Софија бидејќи, како што рече, би навлегол во туѓиот наратив.
– Она што можам да ви го кажам е дека ние секогаш сме биле подготвени за дијалог и сега сме подготвени за тоа. Недостиг за волја за таков дијалог имаше од страна на соседна Бугарија при постоењето на една претходна политичка влада. Јас се надевам дека има свест во Софија оти европската перспектива за нашата држава е значајна за целиот регион. И да нема таква свест и да не се развие таква свест, тоа не значи дека ние размислуваме за некоја алтернатива, но ние ќе продолжиме на патот на реформите, ќе продолжиме на патот на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика и ќе продолжиме да ги споделуваме овие европски вредности во кои верува огромно мнозинство наши граѓани. Но ако прашањето е дали сме подготвени за уставни измени во овој контекст и во оваа состојба – не сме подготвени. И да нема никаква дилема за ова прашање – нагласи Муцунски.
