МОН му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Чашка: Се бара незаконско отворање на албанска паралелка

Од:

Државниот просветен инспекторат каде што директор е Халит Ферати од Алијанса за Албанците и коалициски партнер на СДСМ од чии редови доаѓа градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски му наложи на Министерството за образование и наука да му ги одземе ингеренциите на градоначалникот затоа што не отворил албанска паралелка во централното училиште иако во тој реон не живеат Албанци.

Горан Стојановски за „А1он“ вели дека главната причина за одземањето на ингеренциите во следните 12 месеци е што некој од позиција на моќ кој бил и претседател на Советот, сега и наложува на општината да реши неколкугодишен проблем без законско решение.

– Тоа е проблем кој се провлекува повеќе од една деценија и мислиме дека главна причина за одземањето на ингеренциите е токму за паралелката. Децата треба да учат на мајчин јазик, тоа е не е спорно, но не оправдувам што се прави ова од позиција од моќ.

Одборот на училиштето не потпишува, а директорот не спроведува ништо без нивна одлука. Згора на тоа имаше реонизација од 2017 година. Во реонот во кој припаѓа ООУ „Тодор Јанев“ се учи на македонски јазик, а овие деца се на родители кои имаат лична карта од реонот во кој се учи на албански јазик.

– Се работи за номадски семејства, кои се преселуваат наесен тука околу населбата Чашка. Наназад едно 50-60 дечиња учат на македонски оти не може да ги прими ова училиште ако не потпишат изјава за согласност, бидејќи согласно статутот тоа е училиште со настава на македонски јазик. Проблематично е од законски аспект, тие не се со лична карта во овој реон. Законот им дозволува да учат на мајчин јазик, што не е спорно и никому не му пречи тоа. Но, тие сакаат да го смениме статутот, ама без одлука на училишен одбор тоа не знам како ќе се направи. Има процедури, мора да помине тоа и на совет во општината, а најпосле јас треба да пуштам барање до МОН. Училишниот одбор не дозволува, не сака тоа да го направи – образложи градоначалникот Горан Стојановски.

Министерот Јетон Шаќири му ги одзел ингеренциите и поради други минорни причини од кои, според Стојановски, се гледа постапување од позиција на моќ. Посебно во однос на интернатот во населбата кој опслужува десетина деца кои поради непристапниот терен во нивните села живеат таму, а за нив се грижат четворица вработени чии работни места сега висат.

– Во образложението прашуваат зошто директорот не положил испит, а скоро девет месеци нема комисија за полагање и тој е се уште в.д. директор. Една од причините е и зошто интернатот не е верифициран. Ние пуштивме барање за верификација, но го чувааат во фиока неколку месеци. Ние не сме знаеле дека треба такво нешто, а интернетот постои 50 години. Имаме дечиња од некои села кои спијат во интернатот затоа што живеат во села кои немаат пристапен пат. Е сега тој го затворија, висат четири работни места таму. Не знам што ќе се случува. Според мене, нема суштинско пречекорување на некои законски регулативи и тоа може со насоки да се реши – истакна градоначалникот за „А1он“.

Според него,суштинскиот проблем е паралелката која се користи за да се прават политички притисоци и да се додворуваат кај албанскиот електорат иако општината е пионер за меѓуетнички соживот и толеранција во целата држава.

– Собираа потписи родителите, ние се оградивме како општина и се согласивме дека дека тие деца треба да учат на својот мајчин јазик, но не оправдуваме да се постапува од позиција на моќ, иако јас припаѓам на истата политичка гарнитура која моментално е на власт. Ферати стана директор на Просветниот инспекторат без ниту еден ден во образование и не знам по кој критериум е ставен таму, а постапува од позиција на сила.

Вака се подгреваат други страсти кои може да имаат последици. Апелирав до сите, бидејќи имам сериозни поддржувачи и кај тие граѓани, дека не треба да потпаѓаме под политичко влијание, си имаме одличен соживот и мора да им го најдеме решението на децата за да си учат на мајчин јазик.

Можеби министеерот има магично стапче па ќе најде некое решение, се надевам законски – порача Стојановски.

Би можело да ве интересира

Активен е пожарот кај селото Оморани

Горан Наумовски

Во Општина Чашка денеска избувна пожар и над село Теово во месноста Карпас

Избувна голем шумски пожар кај селото Долно Јаболчиште во Општина Чашка

Нема никаков документ за договорот за настава на албански јазик во Чашка, во случајот има многу пропусти вели Јаневска

МОН не го послуша Советот на Општина Велес: Скрати македонска паралелка во гимназијата

A1on

Уште е активен пожарот на Шар Планина, гори букова шума во Чашка