Во своето обраќање на денешната собраниска седница, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески порача дека секој пратенички состав носел тешки одлуки, но дека времето на крајот ја покажувал нивната исправност, повикувајќи ги сите пратеници да дадат поддршка на уставните измени.
Пред сите нас овде во оваа сала, пред секој пратеник во македонското собрание е уште една одлука од која директно зависи иднината на целиот наш народ, на сите наши граѓани.
Секој пратенички состав од осамостојувањето до денес, буквално секој поминувал низ носење одлуки и буквално секој во својот мандат носел барем една тешка одлука или одлука која предизвикувала сериозни бранувања во јавноста.
Секако оние кои се одесувале на меѓуетнички прашања, на меѓусоседски прашања, прашања меѓу две соседни држави се тие кои, посебно овде на Балканот, задирааат во најдлабоките чувства на граѓаните без разлика на кој народ припаѓаат или каква етничка припадност имаат и тие се прашањата или темите кои за жал и во минатото, а и денес лесно можат да се искористат за добивање моментални лесни, ефтини, ситни, мали, бедни политички поени со меѓусебни обвинувања за наводни херојства и наводни предавства. Тие мали, ситни, бедни политички поени иако се значајни определен период, сепак знаат да направат штета во понатамошниот тек на функционирањето на државите.
Така е и кај нас. Впрочем тоа е така и кај нас зошто како земја ништо лесно не сме добиле, ништо лесно не поминало, сме се изнамачиле за секое прашање, ниедна лесна битка не сме имале во кој и период од минатото да погледнете.
Без разлика од денешен аспект како изгледа, без разлика дали сме подзаборавиле ние, дали помладите воопшто и не знаат, сепак повозрасните паметат добро дека сме создавале независна, суверена, самостојна држава Македонија без буџет, без војска, без оружје, со ембарго, со купување гориво со бонови во ограничени количини, со редици по продавници за леб, млеко и основни прехрамбени производи, со инфлација од над 2000% итн
И за тогашните политичари или носители на политички функции (мора да признам со многу поголема политичка култура отколку ние сегашните) на определени теми присутни беа истите обвинувања за наводни предавства и самопрогласување за наводни патриоти.
Но времето потоа ја потврдило исправноста на тие одлуки. А потврдило и дека вистинскиот патриозам бил, е и ќе остане, носењето државнички одлуки.
Без да отворам стари теи и стари рани ам потсетете се на паролите за сечење канџи, за држење конгреси во градови во други држави, за покажување карти на големи држави итн. Гледајќи од денешен аспект поради умешноста на тогаш обвинуваните политичари станавме независна држава без жртви, без употреба на оружје, без војни кои тогаш се случуваа во сите републики од поранешна Југославија. Но, да потсетам и тогаш имаше прогласувања на наводни патриоти и наводни предавници.
Може да зборуваме и за студентските протести од 1997 за педагошкиот факултет на албански јазик. И тогаш наводни патриоти и наводни предавници. За час само помислете од денешен апсект за кое прашање станувало збор – педагошки факултет на албански јазик. Но, и тогаш наводни патриоти и наводни предавници.
Може да зборуваме и за 2001. Може да зборуваме и за охридскиот рамковен договор. Иста приказна и тогаш. Наводни патриоти и наводни предавници.
Да зборуваме и за 2011. Амнестија на хашкте случаи. Исто. Наводни патриоти и наводни предавници.
Да зборуваме за 2018. За преспанскиот договор. Исто.
Само потсетете се на сите овие теми и прашања од тој период. Стварање хистерија со лажни тврдења, со манипулации, со невистини.
Да се потсетиме на закон за употреба на јазици. Знаете какви манипулации и хистерии се ствараа? Знаете за изјавите дека родителите ќе плаќаа казни по 5000 евра ако децата не им учеле албански јазик? Знаете какви лажни кампањи и манипулации се правеа во Прилеп, Битола, Штип и други градови посебно во Источна Македонија дека некој со сила треба да учи јазик? Еве поминаа 4-5 години. Што е точно од тоа? Ништо. Каде се казните? Ама и тогаш исто. Иста приказна. Наводни патриоти и наводни предавници. Зошто? За пусти ефтини, бедни, ситни политички поени. И тогаш лупање, тропање, удирање по говорници, но до ден денес без извинување кон изманипулираните граѓани.
Или пак за камповите за мигранти. Па каде се? Ги нема.
И нема да продолжам со спомнување на други такви теми во собранието бидејќи поентата ми е јасна. На такви теми овде на балканот, овде кај нас, лесно е да бидеш таков политичар. Да ја фрлиш искрата, да го запалиш огнот и да гледаш од страна како некој гори.
За жал, најчесто тоа била одлика на ДПМНЕ. Многу лесно се фрлале искри а не се мислело на последиците.
Лесно е да се изјаснуваш против договорот од Преспа, а потоа да се фалиш дека си гласал Северна Македонија да стане членка на НАТО. Лесно е да бојкотираш, да повикуваш на бојкот на референдум, да манипилираш со граѓаните, да глумиш патриот, а со самото гласање СМ да стане членка на НАТО точно, прецизно и директно го прифаќаш референдумското прашање. Такво беше референдумското прашање. За референдумот бојкот, за гласањето СМ да стане членка на НАТО ЗА, и ниедно, НИЕДНО, извинување кон граѓаните.
Лесно е со шпекулаци да будиш најдлабоки чувства на секој македонец за мајчиниот македонски јазик, да зборуваш за македоноскиот јазик како бугарски дијалект, а да не дојдеш, да не гласаш, ниту пак да го поздравиш потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ, со сите земји членки на ЕУ вклучувајќи ја и Бугарија.
Лесно е со лаги да зборуваш за наводна бугаризација и асимилација, а да не гласаш за заклучоци поврзани со преговарачката рамка со кои се обврзуваа оваа влада, следната влада, па и секоја идна влада за целосна заштита на македонскиот јазик, македонската посебност, македонскиот идентитет и култура.
Лесно е само декларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш се за да не станеш дел од ЕУ.
Лесно е, ама не е чесно. Не е чесно! Не само пред пратениците, не е чесно пред граѓаните. Не е чесно да им ја крадеш иднината за мали, ситни, бедни политички поении борба за власт.
Не вреди борбата за власт ако се загрози иднината на државата.
Ние може да говориме, дебатираме, па и да се расправаме на многу теми, но за вакви прашање имаме одговорност за иднината на татковината и сите нејзини граѓани.
Државата мора да оди напред, а неизвесноста да станува се помала и да остане зад нас.
Тоа им го должиме на нашите предци за жртвата, за херојското минато, за псоветеноста за создавање самостојна и независна држава. Тоа им го должиме на нашите современици за обезбедување поквалитетен живот. Тоа им го должиме и на генерациите што доажаат после нас за својата иднина да ја градат во својата татковина, не во странство.
Затоа што членството во ЕУ како стратешка цел поставена од независноста и за која сонуваат генерации и генерации не е случајно поставена.
Текстот на предлогот за уставни измени е пред нас. Јавно е достапен. Сега целата јавност може да се увери дека станува збор повеќе за технички измени, со кои што се унаппредува Уставот и не се загрозува ништо, ниту едно македонско идентитетско прашање, а истовремено овие измени го забрзуваат процесот за членство во ЕУ. Интервенциите се однесуваат на додавањето од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава.
Односно, во формулацијата:
„Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите”, по зборот бошњачкиот народ се става запирка и се додава:”бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ”.
Овие измени се во духот на Крушевскиот манифест, во духот на АСНОМ ,Охридскиот договор и се подготвени од страна на работната група составена од експерти, докажани професори и неколку универзитети во државата, како и представници на политичките партии. Овде мора да спомнам дека како пратеници мора да го согледаме фактот на постоењето на торбешката заедница, бидејѓи на последниот попис за торбеши се изјаснија околу 6000 граѓани, луѓе чесни, лојални на државата, секако имајќи ги во предвид правните можности при набројувањето на народите во преамбулата за нивно внесување. Како демократска партија која ги почитува сите подеднакво ќе продолжиме да работиме рамо до рамо со нив за нивна уште поголема афирмација.
На вака предложениот текст на уставни измени никој нема ништо против.
После 17 години во чекалната и 11 години во изолација минатата година ги започнавме преговорите со ЕУ. Со усвојување на уставните измени го продолжуваме европскиот пат до полноправно членство во 2030 година. Ова е историска шанса за која имаме силна поддршка од нашите партнери САД и ЕУ. Нашите млади, нашите деца, заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, но тука, дома, во својата татковина.
Ние тука како пратеници сме сепак и пред сѐ претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во земја членка на ЕУ. Сакаат да сме полноправна членка. Но, не затоа само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, и владеење на демократија. Заради подобар живот по европски стандарди. Затоа што сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината.
Граѓаните може да видат дека нема ама баш никаков простор за загриженост, напротив. Уставните измени не загрозуваат ништо, ниту едно идентитетско прашање, а го отвораат патот кон ЕУ. Со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер и во исто време и македонскиот идентитет, затоа што македонскиот јазик е признаен во ЕУ и со преговарачката рамка, и поради дефиницијата за македонската посебност.
Македонскиот јазик и македонскиот идентитет вграден во европскиот значи остварување на сонот на Илинденците, на партизаните, револуционерите, на сите кои се бореле за држава рамо до рамо со големите европски државотворни народи. Ќе бидеме седнати на големата маса, ние ќе одлучуваме за нас а не некои други.
Членството во ЕУ значи пристап до фондови за развој, но и значи пристап до пазар од 500 милиони жители за македонските компании, за македонските бизниси, за земјоделците и за македонските земјоделски производи. Европските фондови, кои сега ги користиме, ќе се зголемат за 11 пати, значи 11 пати повеќе пари за земјоделците за развој, модернизација, поголем пласман, што директно значи поголем пласман и повеќе пари за секој земјоделец.
За придобивките од членството во ЕУ може да зборуваме многу од сите аспекти на живеењето. Манипулациите кои претходно ги спомнав времето потрди дека се лажни. Прво беше „асимилација и бугаризација“. Откако се виде дека нема ништо од тоа сега е „бугарски диктат“. Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку. Со внесувањето на делот од бугарскиот народ што живее во нашата земја, јасно се разграничува дека се работи за 3600 наши сограѓани со таква свест за разлика од повеќе од милион наши граѓани со самостојна и автохтона македонска национална свест со своја македонска култура и меѓународно признат македонски јазик. Јасно станува дека македонскиот и бугарскиот народ се два различни народи. Ние македонците сме свои на своето, Македонци кои зборуваат македонски јазик.
Затоа почитувани граѓани, ние како пратеници сме пред избор. Изборот е изолација или интеграција во ЕУ. Нема друго. Изолација видовме што донесе 11 години. Освен поделби по секоја основа и стагнација, уназадување. Станавме заробена држава, цели 11 години не мрднавме од место, додека младите ни се иселуваа, земаа пасоши на туѓи земји. Затоа што младите сакаат перспектива, сакаат сигурна иднина и сакаат да живеат во државата којашто е дел од ЕУ. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија, кои освен својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго. Не смееме да дозволиме нова изолација, нови бранови иселувања на младите, нови барања за странски пасоши.
Јас сум за интеграција. Пратеничката група чиј координатор сум е за интеграција. СДСМ и сите политички партии застапени во пратеничката група се за интеграција.
Имаме неповторлива шанса да го продолжиме европскиот пат и да оствариме уште една стратешка цел: членство во ЕУ до 2030 година.
Да бидеме рамо до рамо на големата маса, рамо до рамо со државотворните европски народи. Тоа им го должиме на нашите предци, на нашите современици, но и на генерациите што доаѓаат по нас.