Како медиумите произведоа марихуана

Од:

Во новинарството, информациите и мислењата мораат да ја почитуваат пресумпцијата на невиност, особено во случаи кои сѐ уште не се влезени во судска процедура и мораат да се воздржуваат од изнесување судови

 

Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.“

(КОДЕКС НА НОВИНАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА)

 

Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

 

Новинар(к)ите не се полициски или партиски портпароли, а демократските медиуми не би требало да бидат полициски или партиски билтени.

Етичка должност на новинар(к)ите е да постапуваат независно, во согласност со јавниот интерес, остварувајќи го правото на јавноста да знае. Етичкиот императив „трагај по вистината и известувај за неа“ подразбира проверка на точноста на информациите од секој извор, вклучително и од полициските и партиските извори.

Улогата на новинарот не е да дисеминира и застапува полициски или партиски информации или ставови туку да трага по вистината и „будно да ги следи и храбро да ги повикува на одговорност лицата што се на власт“ (Кодекс на новинари).

 

Пресумпција на невиност

Често полициските обвинувања или соопштенија се единствен извор на податоци, а зборот осомничен не се нагласува, па се стекнува впечаток дека лицето за кое се информира е виновно. На тој начин медиумите „пресудуваат” и пред да заврши судската постапка.“ (Прирачник за етиката во новинарството)

Новинар(к)ите треба да бидат особено внимателни кога известуваат за полициски соопштенија во кои има конкретни обвинувања. Честопати, новинар(к)ите запаѓаат во стапицата да ги именуваат осомничените за кривични дела иако против нив сè уште не е покренато формално обвинение.

Новинар(к)ите обично не се придржуваат до начелото дека секој осомничен или обвинет е невин, а дека за виновни може да се известува само по правосилна осудителна пресуда. Почитувањето на пресумпцијата на невиност подразбира воздржување од медиумско „пресудување“: „Во новинарството, информациите и мислењата мораат да ја почитуваат пресумпцијата на невиност, особено во случаи кои сѐ уште се sub judice (невлезени во судска процедура) и мораат да се воздржуваат од изнесување судови.“ (Резолуција 1003 (1993) за етиката во новинарството)

 

Студија на случај:  Како медиумите произведоа марихуана

1. Медиумите не треба да ги третираат полициските соопштенија како апсолутен извор на вистина.

Пример: Во написот Душко млекарот, пријателот на Бранко, фатен како одгледувач на марихуана (15.07.2010), со наднаслов „Млечна криза“, новинарот го третира полициското соопштение како апсолутен извор на вистина. Осомничениот се именува пред да биде покренато обвинение и се портретира како „одгледувач на марихуана“ само врз основа на полициската информација „Полицијата пронајде 207 растенија канабис сатива од која се произведува марихуана“.

Без било каква проверка, новинарот ја користи полициската информација како непобитен  факт, иако фактичка состојба допрва треба да утврдува судот, во случај да биде поднесено обвинение: „Кај битолчанецот, кој во својот дом го прими лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски за време на неговата обиколка низ земјава, се пронајдени 207 растенија канабис сатива од која се произведува марихуана.“

Пристрасноста на новинарот оди дотаму што како јавен обвинител ја доведува под прашање  верзијата на осомничените дека „се работи за див коноп кој расте низ цело Градско Поле“: „Но од каде се најдоа 207 растенија канабис сатива во неговата нива? Дали полицијата му ги засадила за да му ги пронајде?“ Тенденциозноста е очебијна во описот „пријателот на Бранко“, како и во насловот на МТВ1  „Марихуаната растела кога Црвеновски го посетил битолскиот фармер“.

И во написот  „Млекарите кои одгледуваат марихуана пуштени од притвор“ новинарот ја привилегира верзијата на полицискиот портпарол, иако мерката притвор е укината по 12 дена: „- Станува збор за растение од чии цветови и листови со преработка подоцна може да се добие наркотична дрога марихуана и хашиш, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.“

 

2. Медиумите не треба да бидат соучесници кога официјални лица ја повредуваат пресумпцијата на невиност на осомничените

Во насловот Марихуаната во нивата на млекарот Душко е негувана, а не дивановинарот станува соучесник во повредата на пресумпцијата на невиност зајакнувајќи ја обвинувачката изјава на премиерот, кој тврди дека „таму марихуаната растела со месеци“, „Таа била израсната уште кога Бранко Црвенковски го посетил“, „Се работи за негувана марихуана, а не за дива“, „Така ме информираат од МВР, што значи дека некој внимавал на неа и ја одгледувал“.

И во текстот  „Груевски: Судот одлучува кој оди во притвор“ новинарот не се оградува од министерска изјава со која директно се повредува правото на пресумпција на невиност на осомничените: „Ме шокираше тоа што одредени политички партии застанаа во одбрана на оние кои се осомничени за производство на дрога. Евидентно е дека овие насади се одгледувале со систем за наводнување, рече Јанкуловска.“

 

3. Медиумите не треба да ги портретираат осомничените како докажани криминалци

Со двосмислениот наслов „На млекарот Дуле не му било прв пат“ осомничениот се портретира како криминалец кој постојано имал проблеми со законот, врз основа на неидентификувани извори: „Според информациите на ВЕЧЕР ова не е прв случај во кој Илиевски имал проблеми со законот.“ И во написот Спотовите на СДСМ со лица од судска хроника обвинетиот се портретира со криминално досие.

Дел од медиумите објавија фотографии од уапсените лица со лисици на рацете, кои ги портретираат како криминалци.

 

4. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти

Во написот Ја знаете ли разликата меѓу марихуана и див коноп? новинарот ги пренесува обвинувањата од партискиот портпарол без никаква професионална дистанца.  Во написите Бучковски, Заев, Дуле млекарот … СДСМ во одбрана на криминалот , СДСМ “за” дрогата, медиумот без никаква професионална дистанца се вклучува во партиска кампања преку која опозициската партија се портретира како криминална и „во одбрана на производителите и трговците на дрога“. Медиумот дури и објавува монтажа на „новото лого на СДСМ“ кое е е дел од инкриминирачка партиска кампања спроведувана на социјалните мрежи.

 

5. Новинар(к)ите треба да си ги признаат своите грешки

Етичка должност на новинар(к)ите е да известат за судската пресуда во врска со случај за кој претходно известувале. Во написот  Ослободителна пресуда за фармерот Илиевски медиумот „Вечер“ конечно го портретираше обвинетиот како „фармер“, а не како „одгледувач на марихуана“. Меѓутоа, медиумот не извести за конечната ослободителна пресуда на обвинетиот.

Новинар(к)ите кои претходно неетички известуваа за случајот јавно не си ги признаа грешките и не побараа извинување за повредата на правото на пресумпција на невиност на осомничените.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Фото: Wikipedia.org

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска