Христијан Пендиков се појави во Судот во Охрид каде што треба да даде исказ пред судија во судската постапка против еден од неговите напаѓачи, првообвинетиот Илија Спасески.
Ова ќе биде првпат Пендиков да дава исказ за настанот пред судот, бидејќи претходно изјава има дадено само пред полицијата веднаш по инцидентот, по што беше префрлен во Бугарија на лекување и немаше можност својот исказ да го даде и пред обвинителот.
Вчера пак, охриѓанецот кој од неодамна и официјално стана Бугарин, даде исказ во обвинителството во Охрид во рамки на постапката за второобвинетиот која се уште во фаза на истрага.
За време на последното судење против Илија Спасески, еден од напаѓачите кои го натепаа Пендиков на 19 јануари, наводно затоа што се чувствувал како Бугарин, охридското обвинителство ги презентираше материјалните докази меѓу кои и видео-снимка како доказ на која се гледа како три лица го тепаат Христијан Пендиков вечерта на 19 јануари во центарот на Охрид.
Адвокатот на обвинетиот Спасески тогаш побара судот да не го прифати објаснувањето на обвинителството дека неговиот клиент е напаѓачот затоа што не може да се утврди идентитетот и на другите двајца на видео-снимката.
– Обвинителката не покажа дека лицето кое го тепа Пендиков е обвинетиот Спасески. Пендиков во интервју за бугарска телевизија различен исказ во однос на она што се гледа на снимката. Тој тврди дека бил удиран со нозе, но тука се гледа дека е удрен еднаш со нога. При немање доказ врз основа на кој може да се утврди идентитетот на другите две лица, судот не треба да го прифати наводот на обвинителот дека напаѓачот е лице кое личи на Илија Спасески – рече адвокатот на обвинетиот Димитар Цобоски.
Судијата Бојан Мартиноски рече дека мора да се испита оштетениот за да се расчистат сите дилеми во однос на различните искази.
Илија Спасески, еден од обвинетите за претепувањето на Христијан Пендиков, претходно рече дека не се чувствува за виновен во случајот Пендиков во кој е обвинет дека заедно со уште едно лице го претепале охриѓанецот.
– Јасно ми е обвинението, но не се чувствувам за виновен, рече Спасески на второто рочиште од судскиот процес во Основниот суд во Охрид кој го води судијата Бојан Мартиноски.
На Спасески му се суди за кривично дело напад од омраза со тешки повреди.