„Првата група од четворица доктори од Македонија утре заминува на обука во траење од еден месец во светски познатите болници на „Аџибадем“ во Истанбул, Турција, со што почнува конкретната реализација на третата фаза од Програмата на Министерството за здравство за дообучување специјалистички кадар од македонските болници во реномирани медицински центри во странство“, најави министерот за здравство Никола Тодоров.
Целокупната организација и трошоците за обуката се покриени од страна на Министерството за здравство, а целта е овозможување нови или подигнување на квалитетот на постојните здравствени услуги во Македонија и максимално искористување на најсовремената медицинска опрема што е набавена.
Одговорајќи на новинарско прашање за тоа како се избрани кандидатите за обука, министерот рече дека распишале оглас на кој се пријавиле 450 кандидати, со избраните се склучени договори со кои тие се обврзани по обуката да останат да работат во јавните здравствени установи.