Објектот на Kлиниката за психијатрија во Скопје ќе биде комплетно реновиран и ќе стане енергетски ефикасен, преку Проектот за подобрување на енергетската ефикасност што се финансира со грант од Светската банка, а го спроведува Министерството за финансии во соработка со Министерството за здравство.
Градежните работи ќе започнат на 15 мај, а објектот се очекува да го добие својот нов лик за пет месеци.
Во Универзитетската клиника за психијатрија ќе биде заменета електричната инсталација, осветлувањето и системот за греење, ќе биде поставен централен систем за ладење, ќе биде поставена термоизолација на објектот, ќе се изврши реконструкција на кровот, замена на прозорците и вратите и слично.
За време на реновирањето пациентите од Клиниката ќе бидат хоспитализирани во Психијатриската болница – Скопје и на Одделот за психијатрија во Градската општа болница „8 Септември“, за што овие установи имаат доволно капацитети.
Детскиот оддел привремено ќе функционира во ГОБ „8 Септември“ – Скопје.
Универзитетската клиника за психијатрија е првиот објект од вкупно 18 здравствени објекти што треба да добијат зголемена енергетската ефикасност. За оваа компонента се предвидени 5 од вкупно 25 милиони евра.
Во рамки на Проектот, 10 милиони евра се предвидени за проекти за подобрување на енергетската ефикаснот на објекти на локално ниво, при што активностите за 42 проекта во 12 општини се веќе започнати, а дополнително се преземаат активности за поддршка на проекти во 16 општини.