За жал, новинар(к)ите не покажаа дека се образовани да мислат со своја глава и храбро да им поставуваат критички прашања на претставниците на властите. Тоа му овозможи на министерот за образование, во соработка со некритичките медиуми, безгрижно да манипулира на тема „првачиња и наталитет“.
Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права
„Доброто или етичкото новинарство е во интерес на јавноста. Тоа нуди информации кои се точни, проверени, балансирани.“ (Прирачник за етиката во новинарството)
Зошто новинар(к)ите објавуваат непроверени информации за бројот на првачиња?
На 1-ви септември повеќе медиуми ја објавија следнава изјава на министерот за образование:
„Ме загрижува фактот што секоја година имаме сѐ помалку и помалку првачиња, што е резултат на намалениот наталитет и сѐ помалиот природен прираст на нови генерации во Република Македонија“.
Оваа изјава беше објавена по информацијата за бројот на запишани првачиња во Македонија (20.774) и истата беше потенцирана во мноштво наслови (Ристовски: Сѐ помалку првачиња, Ристовски: Секоја година сѐ помалку првачиња, овие бројки мора да се зголемат, Сѐ помалку првачиња…)
Неколку дена пред почетокот на учебната година, медиумите пренесоа и друга изјава на министерот за образование со поконкретни информации за намалувањето на бројот на првачиња:
„Со жалење морам да констатирам дека во изминатите пет-шест години има во просек од 500 до 700 помалку запишани првачиња. И оваа година бројот е намален во однос на минатата. До денес се запишани 20.774 првооделенци, бидејќи уписот трае уште, очекувам бројот да порасне. Но, дефинитивно, ќе има повторно помалку запишани во прво одделение“ (БРОЈОТ НА ПРВАЧИЊА ПРОДОЛЖУВА ДА ОПАЃА).
Иако објавените информации ги соопштува официјален извор (министер за образование), етичка должност на новинар(к)ите беше да ги проверат од што е можно повеќе извори (најмалку два меѓусебно неповрзани). Исто така, етичка должност на новинар(к)ите беше да направат споредба со податоците од претходните години и да утврдат дали „секоја година имаме сѐпомалку и помалку првачиња“ и дали „во изминатите пет-шест години има во просек од 500 до 700 помалку запишани првачиња“.
Кои податоци се релевантни?
Најголем дел од новинар(к)ите го игнорираа укажувањето дека првично објавената бројка не е конечна, а некои од нив се обидоа со статистички споредби да ја поткрепат министерската формула „Секоја година сѐ помалку првачиња“. На пример, написот Годинава 500 првачиња помалку од лани (27.8.2013) направи ваква споредба: „Во прво одделение за неколку дена ќе тргнат 20.774 првачиња, што е намалување во однос на лани, кога на училиште се запишале 21.257 дечиња“.
Но, колку и да изгледа на прв поглед логична, ваквата споредба губи потпора при потемелна проверка. Имено, ако ги споредиме податоците кои ги дало Mинистерството за образование на почетокот на претходната учебна година, тогаш лани на првиот училиштен ден имало запишано помалку првачиња (20.700) отколку годинава (20.774) („Училишното ѕвонче денес заѕвони за околу 200.000 основци, од кои 20.700 првачиња…“).
И податоците на Државниот завод за статистика укажуваат дека на почеток на учебната 2012/2013 имало повеќе запишани првачиња (21.544 ученици во прво одделение) отколку во учебната 2011/2012 година (на почеток имало 21.488 ученици во прво одделение, а на крај 21.326 ученици). И пред две години, кога одредени медиуми алармираа за намалување на бројот на првачињата, укажаа дека во 2010 се запишале повеќе првачиња отколку во 2009:
„Според податоците од Државниот просветен инспекторат, во 2009 година се запишале 22.554 првачиња, а во 2010 година – 22.669.“ (ЗА ДЕСЕТ ГОДИНИ 7.000 ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ!) Ваквите официјални податоци го доведуваат под прашање „фактот што секоја година имаме се помалку и помалку првачиња“.
Етичката должност за критичко следење на политичките процеси подразбира критички однос кон аргументите на политичарите, особено ако истите не се засновани врз факти. За жал, новинарските гласила ја пропуштија можноста да послужат како платформа за јавна дебата заснована врз факти во врска со аргументацијата на министерот за образование дека трендот на намалување на првачињата е „резултат на намалениот наталитет“.
Имено, како претходна подготовка за критичка дебата, новинар(к)ите пропуштија прилика да ги проверат:
а) Претпоставката дека наталитетот бил намален во клучната 2007 (година на раѓање на овогодишните првачиња);
б) Претпоставката дека може да се воспостави нужна причинско-последична врска: намален наталитет – намален број на првачиња.
Податоците на Заводот за статистика не регистрираат драстично намалување на бројот на живородени деца за последната пресметана декада (2003-2012). Имено, разликата помеѓу бројот на живородени деца во 2003 (23.596) и 2012 (23.568) е 28. Поконкретно, бројот на живородени деца се зголемува во 2007 (22.688) во однос на 2006 (22.585) и во 2008 (22.945) во однос на 2007. Следствено, претпоставката дека наталитетот бил намален во 2007 (година на раѓање на најголем број од овогодишните првачиња) не наоѓа поткрепа во официјалните статистички податоци кои сугерираат зголемување на бројот на живородени деца во 2007.
Оттаму, дали може да се воспостави нужна причинско-последична врска: намален наталитет – намален број на запишани првачиња? Според податоците на Државниот завод за статистика таква врска не може да се воспостави, затоа што ниту имаме намалување на бројот на живородени деца во 2007 (во однос на 2006), ниту, пак, може со сигурност да се тврди дека имаме намалување на бројот на запишани првачиња во 2013 (во однос на 2012).
Прашања кои не заслужија да бидат поставени
„Факт е дека намалениот број на првачиња секоја година којшто ни се случува во континуитет е резултат на падот на наталитетот во Република Македонија…“ (Спиро Ристовски, министер за образование)
Една од етичките обврски на критичките новинар(к)и е да ги проверуваат и доведуваат под прашање официјалните изјави и аргументи, да поставуваат прашања од јавен интерес и да трагаат по одговори.
За жал, повеќето новинар(к)и некритички ја преповторија официјалната мантра, па дури и кога објавуваа информации со кои го доведуваа под прашање официјалниот „факт“:
„Секоја година овој број се намалува, како резултат на опаѓање на наталитетот. Причина за сѐ помалиот број првачиња е и заминувањето во странство. Лани во Струмичко се запишале 586 првачиња, пред две години – 566 првачиња, така што бројот постојано варира.“ (Од денеска ќе образоваме ученици што ќе мислат со своја глава).
За жал, новинар(к)ите не покажаа дека се образовани да мислат со своја глава и храбро да им поставуваат критички прашања на претставниците на властите. На пример, ако „во изминатите пет-шест години има во просек од 500 до 700 помалку запишани првачиња“, тогаш дали и во периодот од 2003-2007 има во просек 500 до 700 помалку живородени деца?
Ако ги споредиме податоците од Заводот за статистика, сместувајќи ги во следнава табела, тогаш најлесно можеме да увидиме дека министерот за образование, во соработка со некритичките медиуми, безгрижно манипулира на тема „првачиња и наталитет“.
Година на раѓање |
2003 |
2004 |
2005 |
2006 |
2007 |
Живородени деца |
23 596 |
23 361 |
22 482 |
22 585 |
22 688 |
Запишани првачиња |
23 002 |
22 224 |
21 488 |
21 544 |
20 774* |
Година на упис (почеток) |
2013* |
*Нецелосни податоци од министерот за образование, заклучно до 31.08.2013.
Ниту „во изминатите пет-шест години има во просек од 500 до 700 помалку запишани првачиња“, ниту, пак, во периодот од 2003-2007 има во просек 500 до 700 помалку живородени деца. Етичка должност на новинар(к)ите е да ги разоткриваат ваквите манипулации и да поставуваат критички прашања од јавен интерес, кои ќе помогнат во идентификување на сите причини зошто се намалува вкупниот број на запишани ученици.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Фото: cmiked