Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири денеска на прес-конференција апелираше до вработените во Државниот испитен центар, кои веќе извесен период штрајкуваат, да не ја доведат во прашање државната матура што треба да ја полагаат средношколците.
-Државната матура ќе се полага и мора да се полага. Институциите, вклучувајќи ја и ДИЦ, МОН и другите институции треба да го дадеме максимумот за да се организира државната матура. Јас секогаш и во претходните ситуации кога сме имале штрајк, апелирам да не се искористи иднината на средношколците заради нивна придобивка. Од Министерството за финансии, МТСП и другите институции очекуваме да биде потпишан Општиот колективен договор и новиот закон за плати. Барам разбирање и да најдат начин никогаш да не се донесе под знак прашалник реализацијата на државната матура. Нека продолжат со барањата, но државната матура да се реализира, рече Шаќири.
Тој потенцира дека од Министерството за финансии е даден предлог за усогласување на платите.
– Предлогот што е даден од Министерството за финансии е усогласување, а тоа усогласување значи покачување, но во момент кога зборуваме за тоа дали и колку сме задоволни, секогаш барам да не се стави под знак прашалник државната матура. Како што денеска и вчера после одреден период почнаа да се реализираат испитите за директор, така да имаме разбирање и за тие 29 вработени за да ја реализираме државната матура. Јас ќе поддржам се што е во рамки на можнсотите на буџетот на финансии, рече Шаќири.