„Огнената група“ од денес е фракција на ДУИ

Од:

Огнената група на ДУИ од денеска и официјално ќе функционира како фракција на ДУИ, ова членовите на таа група го соопштија на денешната прес-конференција.

„Како што изјавивме по завршувањето на состанокот на 1 април, официјално ви се обраќаме како фракција. Сметаме дека е демократски чин изразувањето на поинакво мислење и дека тоа ќе ѝ помогне на партијата да ги исправи пропустите во своето функционирање. За жал, три години по ред алармираме дека не се почитуваат Статутот и програмата на партијата. Се обврзуваме дека ќе бидеме гласот на потребите и барањата, не само на нашиот електорат, туку на сите Албанци и овој глас нема никој да го замолчи, гласот на народот е сè, тој е гласот на разумот и ќе го покажеме тоа на дело преку севкупното функционирање“, рече градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Тој нагласи дека „ДУИ е дом кој сме го граделе со сите сили и не сакаме да го загрозиме“.

– Мора да нагласиме дека има двојни стандарди за време на дебатите и носењето на одлуките. Нашиот предлог за гласање недоверба на министрите беше одбиен. Органите на ДУИ не функционираат според Статутот. Политичките одлуки се носат исклучиво од министрите на ДУИ. Органите се третираат како декор, нагласи Ганиу.

Градоначалникот на скопската општина посочи дека меѓу нив и ДУИ има разлики во ставовите околу спроведувањето на албанскиот јазик.

– Сметаме дека сега е погоден политички момент формулата 20 проценти да се тргне од Уставот. Никаде и никој не го спомнува придонесот на ОНА. Сметаме дека треба да се направи закон за регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА. Време е да предложиме дијаспората да гласа по електронски пат и државата да обезбеди услови за тоа. Законот за казината треба да биде предмет на јавна дебата и ние сме за тоа тие да бидат надвор од населени места. Ние сме против зголемување на платите на функционерите. Треба да се зголеми минималната плата на 500 евра, да се зголеми просечната плата, да се зголемат платите на вработените во администрација, бидејќи така ќе го спречиме одливот на нашите граѓани. Македонија е најцентрализирана држава во регионот – подвлече Ганиу.

На прашањето за оспорувањето на фракцијата од страна на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, Меџити рече дека ДУИ промовира европски вредности и затоа смета дека нивната фракција не треба да се оспорува.

„Сега е моментот да има фракција и не знам од кои причини Ахмети рече дека нема да го дозволи тоа. Фракциите се европски вредности и тие тоа го промовираат“, рече Меџити.

Одговарајќи на прашањето дали со ваквиот чекор може да бидат казнети и исклучени од ДУИ, Блерим Беџети рече дека други треба да ја понесат вината или казната за настанатата ситуација.

„Објаснивме зошто дојде до оваа ситуација. Клучниот орган во партијата – централното претседателство – не беше консолидирано речиси три години и од тука почнаа сомнежите дека органите на партијата се узурпирани од страна на министрите на ДУИ. До оваа ситуација е дојдено поради узурпаторите и непочитување на статутот на партијата“, нагласи Беџети.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Цели 13 години на ДУИ додека беше на власт не му сметаше што Јени Џамија е споменик на културата

Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се во паника и без визија

ДУИ: Од прв премиер Албанец до целосно уназадување за неколку месеци

Катерина Ѓуровски

Ахмети: Aлбански народ ќе го брани албанскиот јазик што е постигнат со пожртвуваност

ДУИ: Предвремени избори – решение за кризата на легитимитетот и предуслов за економска благосостојба

А1он

ДУИ: Нафије Селмани и Афрона Верзиволи се партиски кандидати

Катерина Ѓуровски