Агенцијата за вонредни ситуации на американската сојузна држава Мисисипи објави дека најмалку 25 луѓе загинале во торнадото во таа американска држава, десетици се повредени, додека еден човек загинал во Алабама, јавува Си-Ен-Ен.
Гувернерот на Мисисипи, Тејт Ривс, бара од американскиот претседател Џозеф Бајден брзо да прогласи состојба на катастрофа.
Откако ќе биде прогласена состојба на катастрофа, федералната влада би можела да насочи дополнителни средства во погодената област кога федералните ресурси веќе не се доволни.
Силно торнадо ги погоди руралните области на американската сојузна држава Мисисипи ноќта меѓу петокот и саботата и предизвика уништување на неговиот пат во должина од околу 160 километри, соопштија федералните и локалните власти.
Торнадото уништи бројни згради и ја оневозможи електричната дистрибутивна мрежа, се вели во извештајот на Националната метеоролошка служба, пренесе АП.
Бурното време донесе и град со големина на топчиња за голф во неколку сојузни држави во јужниот дел на САД, поради што властите издадоа предупредување за „опасност за човечкиот живот“.
Националната метеоролошка служба потврди дека торнадото предизвикало значителна материјална штета во област на 96 километри североисточно од Џексон, Мисисипи.
Градовите Силвер Сити и Ролинг Форк претрпеа штета од торнадото, кое продолжи да се движи североисточно со 70 милји на час без да слабее, кон Алабама во правец на Вајона и Амори.