Дополнување на 49 нови заштитени имиња на лекови кои опфаќаат 37 лекови по генерика со одредена фармацевтска дозажна форма и јачина од примарната позитивна листа кои се издаваат на рецепт во ПЗУ аптеките на товар на Фондот за здравствено осигурување, се врши со одлуката на УО на Фондот (објавена во Службен весник од 29 август) за измени и дополнувања на одлуката за референтни цени на лекови кои паѓаат на товар на Фондот. Тоа претставува пет отсто зголемување на вкупниот број на лекови со референтна цена.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на ФЗОМ, Џемали Мехази, кој рече дека одлуката за утврдување на референтните цени на лекови се дополнува и со нови девет заштитени имиња на лекови за осум генерики со фармацевтска дозажна форма и јачина од Листата на лекови кои паѓаат на товар Фондот од болничката позитивна листа (за болничка здравствена заштита). Со тоа, укажа Мехази, вкупниот број на лекови според заштитено име за кои Фондот има утврдено референтна цена се зголеми на 1.672 лека (1.018 лека од примарна листа и 654 лека од болничка листа).
-Со дополнувањето на нови лекови во одлуката за утврдување на референтните цени на лекови се зголемува изборот на лекови за осигурениците и конкуренцијата на пазарот на лекови во Македонија со што се очекуваат и позитивни ефекти за намалување на одредени цени на лекови, како што покажува и досегашното искуство на Фондот. Со ова истовремено се зголемува и број на лекови без доплата за осигурениците, посочи Мехази.
Дополнување на нови готови лекови од примарната позитивна листа има за генерики од групите на лекови за: желудник, маснотии во крвта, шеќер во крвта, простата, антибиотици, против воспаление и антиревматици, остеопороза, паркинсонова болест, епилепсија, Алцхајмерова болест и нервен систем. Во прилог е дадена табела со лековите.
Тој додаде дека ФЗОМ контиунирано и редовно врши проверки и соодветно ажурирање на одлуката за утврдување на референтните цени на лекови согласно актуелните состојби и законските прописи.