МВР интезивно трага по исчезнатиот Самоил Костадиновски, кој е внук на Љубе Бошкоски.
Се преземаат сите мерки кои и стојат на располагање на полицијата за побрзо да се открие што се случило со исчезнатото момче, велат за А1он од МВР.
Во официјалното соопштение стои само дека пред два дена е пријавено исчезнување на С.К. 26-годишен и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Сепак според некои информации, иако официјалната пријавата која ја поднел братот на исчезнатиот е пред два дена, на 4 март, Самоил го нема веќе четврти ден.
Засега нема конкретни информации дали се работи можеби за киднапирање или пак за друг вид на противзаконско дело. Според информациите на А1он телефонот на Самоил е исклучен веќе неколку дена. Неговото возило за последен пат е забележано во околината на чешката амбасада.
Како што информираат од МВР веднаш по пријавата на неговиот брат, дека Самоил не се вратил дома, преземени се сите неопходни мерки. Односно разговарано е со сите очевидци и се прибираат сите потребни информации.
Според информациите на А1он полицијата ги проверува и околните објекти да се види дали евентуално поседуваат безбедносни камери, како би ги обезбедиле снимките од тој ден кој можеби ќе покажат што се случило со момчето откако го оставило возилото на местото. Дали и со кого заминал од таму? Од снимките евентуално би се идентификувало и возилото со кое заминал доколку се вистинити информациите дека влегол во друг автомобил.
Засега се знае само дека Самоил, кој е од Ново Лисиче, самиот го управувал возилото и го оставил во близина на амбасадата. Но не се знае што се случило со него потоа. По пријавата за неговото исчезнување, возилото било пронајдено на локацијата, но ниту трага од Самоил.
Според пишувања на социјалните мрежи од страна на пријатели на Самоил, тие се сомневаат дека тој е киднапиран. Во апелите на Фејсбук се вели дека тој дошол во близина на амбасадата да се сретне со други две, три лица, и според непотврдени информации наводно заминал со нив во нивното возило, по што му се губи секаква трага.
Самоил е внук на сопругата на Бошкоски, Виолета, односно син на нејзиниот брат. Таа вчера на социјалните мрежи објавила и линк од текст во кој се говори за исчезнувањето на нејзиниот внук.
Од друга страна, дел од објавите, апели кои се споделуваа на социјалните мрежи со цел побрзо да се пронајде Самоил, се отстранети.
Судбината на исчезнатото момче се уште не се знае. Дали навистина се работи за киднапирање, истрагата допрва треба да утврди.