Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска побара од жителите на провинцијата Адијаман „прошка“ за доцното пристигнување на спасувачките тимови, имајќи предвид дека областа на југоистокот на земјата е меѓу најпогодените од земјотресот на 6 февруари.
„Поради разорниот ефект од двата земјотреси и лошото време, не можевме да работиме како што сакавме во првите денови од катастрофата во Адијаман. За тоа ве молам да ми простите“, рече Ердоган за време на посетата на Адијаман.
Шефот на државата пристигна во тој град три недели по земјотресот кој однесе животи на повеќе од 50.000 луѓе во Турција и соседна Сирија. Турскиот претседател, кој е на власт 20 години и со амбиција да ја задржи функцијата по изборите на 14 мај, е предмет на жестоки критики за бавноста на државата во помагањето на жртвите.
„Толку многу згради и објекти беа уништени што за жал не бевме толку брзи како што се надевавме“, рече Ердоган.
Тој ги призна „неуспесите“ во одговорот на земјотресите, додавајќи дека е „невозможно да се биде целосно подготвен за катастрофа од оваа големина“.
Во Адијаман и во провинцијата Хатај луѓето изразија големо незадоволство од реакцијата на владата на природната катастрофа. Мехмет Јилдирим тврди дека 24 часа по првиот земјотрес не видел „никого“, ниту државни претставници, ниту полиција или војска, тие биле „оставени сами на себе“.
Ердоган денеска вети дека ќе изгради околу 50.000 нови станови во Адијаман. Треба да се изградат околу 309.000 станбени единици во 11-те провинции погодени од разорните земјотреси.