По катастрофата од Реал (2:5) во првиот осминафинален меч, во Лигата на шампионите, фудбалерите на Ливерпул се подготвуваат за натпреварот со Кристал Палас. Победата во Лондон е императив за избраниците на Јирген Клоп, кој не ја губи надежта дека до крајот на сезоната ќе дојде до четвртото место на табелата во Премиер лигата.
Ливерпул се осму на табелата со 35 поени, седум помалку од Тотенхем, кој се наоѓа на четвртото место. Ливерпул има и два натпревари помалку од конкурентите кои се борат за место во Лигата на шампионите.
„Отсега секој натпревар за Ливерпул е од квалификациски карактер“, објасни Клоп пред гостувањето во Кристал Палас во сабота навечер.
За пресметката на „Селхрст парк“, Германецот најави одредени рокади во тимот.
„Мораме да направиме некои измени и ќе го направиме тоа. Ибрахима Коната е блиску до враќање, но одработи само два тренинга по долга пауза. Не е многу логично по долго отсуство само да се вратите на теренот и да играте нормално. Истото беше случај и претходно со Вирџил ван Дајк. Сите мислат дека Холанѓанецот е робот. Одигра голем број натпревари во текот на 2022 година, секој натпревар на Светското првенство, се повреди, се врати, играше…“, додаде Јирген Клоп.
Извор: Топспорт