Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара итна реакција од владините служби за овозможување услови и пристап за соодветна работа на новинарите и медиумските работници при следењето на одбележувањето на 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Од ССНМ велат дека службите на Владата мора да имаат предвид дека новинарите и снимателите работат во тим и не смее да бидат одвоени, бидејќи на тој начин им се оневозможува да работат согласно професионалните стандарди и систем на дејствување на новинарските екипи со цел известувањето да биде објективно и професионално.
„Одговорните за организација на настанот во црквата св. Спас во Скопје се уште имаат време да ги исправат погрешно утврдените протоколи за движење на медиумските екипи. ССНМ во повеќе наврати реагирал на ваквите пропусти на владините служби во однос на новинарите особено кога се работи за настани од огромен јавен интерес, и потенцираме дека стоиме на располагање заедно со новинарите и медиумските работнинци пред ваквите високоризични настани да им помогне на службите да утврдат соодветен протокол и третман на медиумските екипи“, се вели во нивната реакција.
Дополнително, Синдикатот потенцира дека немање соодветни услови и престрого ограничување на движењето на новинарските екипи претставува и ограничување на слободата на изразување.