Маж вооружен со автоматска пушка „калашников“ ја нападна амбасадата на Азербејџан во главниот град на Иран, Техеран, при што го уби шефот на обезбедувањето и рани двајца чувари, соопштија официјални лица.
Се уште никој не кажа кој би можел да биде мотивот за нападот во Техеран.
Иранските медиуми не објавија веднаш за нападот.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Азербејџан се наведува дека истрагата за тој „предавнички“ напад е во тек. Министерството соопшти дека напаѓачот со истрели го уништил безбедносниот пункт.
Азербејџан се граничи со Иран на северозапад. Во октомври, Иран одржа воени вежби во близина на границата со Азербејџан демонстрирајќи воена сила во услови на големи протести во земјата. Азербејџан, исто така, одржува блиски врски со Израел, кој Техеран го смета за свој главен регионален непријател.
Извор: МИА