Лицемерството на власта и на премиерот немаат граници
Одличен е предлогот на премиерот Никола Груевски пратениците на најголемата опозициска партија да му се извинат на г. Вељаноски за тормозењето што му го приредиле на 24 декември кога на „црн понеделник“ минатата година сакаа да извршат државен удар. Бидејќи и новинарите со своето присуство на погрешно место и во погрешно време му го загрозија животот на претседателот на парламентот, треба и тие да го направат истото тоа и да се извинат што си дозволија да седат во собраниската галерија и да слушаат и гледаат, згора на тоа и да му јавуваат на народот што се случува во дебатната сала како цели 69 години досега. Каде се чуло видело некој да врши директен пренос од спречување државен удар.
Разбирливо и сосема оправдано што собраниското обезбедување со асистенција на цивилна полиција ги исфрли од галеријата новинарите каде што со децении седат и ги следат седниците, а тоа нигде не е предвидено. Оваа незаслужна привилегија да се следат од новинарска ложа собраниските седници ја откри премиерот Груевски и убаво ни соопшти дека таму не ни е местото. Новинари во ложа, ајде ти се молам, на што личи тоа. Треба да се преиспита и на Градскиот стадион што бараат новинарите изнаседнати во ложи со микрофони и со телефони, а фоторепортерите дури и се шетаат покрај теренот. Каков безобразлук. Инаку, и Груевски и Вељаноски немаат ништо лично против новинарите, но меѓу нив имало, замислете, и припадници на злогласниот СДСМ кои се камуфлирале како новинари и така преправени можеле да му извршат атентат на претседателот, па затоа според процена на полициските специјалци веднаш морале да ја напуштат галеријата заради спасување на претседателот. По неколку џиу-џицу специјални зафати, знаете она виткање раце зад грбот, новинарите успешно се евакуирани од местото на злосторството.
И конечно, она што е најважно, дека власта нема ништо против новинарите е фактот што тоа беше блиц криг акција само за да не се вознемирува јавноста од драматичните и хорор-сцени што можеа да ги приредат непријателите на државата кога беа замолени најучтиво да го напуштат парламентот. Акцијата чистење на Собранието, спречување преврат и спасување на претседателот Вељаноски не беше изведена за да се малтретираат и исфрлаат новинари, туку да се заштити јавноста од лоши слики и вести. За малку оваа добро осмислена доктрина целосно ќе беше успешна и беспрекорно изведена да не беше една опозициска пратеничка, која успеала да сними повеќе сцени како таа и нејзините колеги беа спречени да извршат насилно преземање на власта. Ете затоа треба сите тие и сите ние кои не препознавме државен удар на опозицијата на 24 декември лани да му се извиниме на Трајко Вељаноски, вели нашиот мудар премиер и државник Никола Груевски. Ете и јас да не бидам покусо, барам прошка од напатената душа господин претседател на парламентот, Трајко Вељаноски, затоа што не ги осудив моите колеги што ја довеле во опасност неговата безбедност.
Лицемерството на оваа власт и на премиерот немаат граници. Тамам човек ќе помисли дека е достигнат врвот, кога наеднаш се отвараат нови широки хоризонти. Вчера да умрев не ќе знаев, што би рекол Стефче Јакимовски, дека Борис Кондарко е виновен што со години не се завршува работата со прочистување на изборните списоци и Изборниот законик. Тешко може на човек да му падне на памет вакво нешто, ама еве има мислечки и умни луѓе на кои во секунда им текнува и фаќаат во лет се’ што може да послужи за одбрана на Владата и државата. И навистина е така, Борис Кондарко е претседател на Државната изборна комисија. Има ли нешто пологично од тоа дека тој е најодговорен што забелешките на Брисел за нашите изборни марифетлуци и законски пропусти не се одамна завршена работа. Кондарко изгледа со години ја забошотува оваа работа само поради неговата социјадемократска припадност. Не ги ажурира списоците, бидејќи мртвите души гласаат, главно, за СДСМ, а и тие што живеат и работат во странство секогаш се наклонети на СДСМ, па делегираат свои претставници во Татковината да гласаат место нив. Така комуњарите избегнуваат уште поголеми порази. Сите членови на ДИК, парламентот и сите институции на системот кои имаат допирни точки со изборните закони секој ден молат да се применат забелешките на ОБСЕ и на ОДИХР, ама Кондарко ја кочи работата. Опасен некој вмровец, преправен во социјалдемократ овој Кондарко.
И, конечно, крунскиот доказ дека нема потреба воопшто ни да се преправаат изборните закони и да се чистат списоците со што Европа сака да го спасува СДСМ е тоа што Зоран Заев победи сосема неочекувано во Струмица на локални избори. Дури и Андреј Жерновски по три месеци прегласувања победи во Општина Центар среде Скопје, што е незамисливо, благодарение на гласачите од Пустец, уредно заведени во ажурираните избирачки списоци. Да не беа тие, Жерновски глад ќе изгубеше. Се’ ми се чини дека извинувањето до Трајко Вељаноски што го бара Никола Груевски, победата на Заев на локални избори како адут дека нашите избори се чисти, и Кондарко како претседател на ДИК што не ги завршува своите работи не се само лицемерство, туку и голема нервоза и одраз на омраза. Тоа не му личи на еден премиер.