Во главниот град на Перу, каде со недели се одвиваат антивладини протести, се одржа марш наведен како „преземање на Лима“, кој синоќа прерасна во судир меѓу демонстрантите и полицијата, објави утрово Гардијан.
Илјадници демонстранти од целата земја влегоа во Лима на почетокот на неделата за да учествуваат на масовниот марш барајќи оставка од претседателката Дина Болуарте по речиси шестнеделните превирања во кои загинаа повеќе од 50 луѓе, меѓу кои еден полицаец и осум лица кои починаа како резултат на штрајковите и блокадите.
Во телевизиското обраќање доцна во ноќта, Болуарте рече дека полицијата ги ставила протестите под контрола и дека одговорните за насилство и вандализам нема да останат „неказнети“, додавајќи дека „ова не е мирен марш“.
Таа рече дека „владата е цврста и нејзиниот кабинет е пообединет од кога било“.
Болуарте тврди дека протестите немаат „социјална агенда“, туку демонстрантите се обидуваат да „го нарушат владеењето на правото, да создадат хаос и неред и да ја преземат власта“. Таа додаде дека нападите на три регионални аеродроми биле однапред планирани и ќе бидат казнети со „сета строгост на законот“.
– На перуанскиот народ, на оние кои сакаат да работат во мир и на оние кои генерираат протести им велам: нема да се изморам да ги повикувам на добар дијалог, да им кажуваме дека работиме за земјата, потенцираше претседателката на Бразил.
Едно лице загина, а околу 10 се повредени во вчерашните судири со полицијата во јужниот град Арекипа, според канцеларијата на народниот правобранител на Перу, кога демонстрантите наводно се обиделе да го нападнат аеродромот. Неколку аеродроми се затворени, а огромни делови од земјата се парализирани поради повеќе од 120 блокади на патиштата.
Гневот поради зголемениот број на загинати ги поттикна зголемените протести, кои започнаа на почетокот на декември за поддршка на соборениот поранешен претседател Педро Кастиљо, но потоа се префрлија на барање за оставка на Болуарте, затворање на Конгресот и нови избори. Болуарте беше потпретседателка на Кастиљо и го замени откако на 7 декември се обиде да го затвори Конгресот и да владее со декрет.
Претходно вчера, илјадници луѓе маршираа околу плоштадот Сан Мартин во Лима, многумина држејќи транспаренти од нивното место на потекло. Селските безбедносни организации познати како рондерос носеа традиционални камшици, а домородните жени носеа традиционални шарени здолништа. Имаше скандирања „Дина, убиец, народот те отфрла“ меѓу транспарентите на кои се гледа првата жена претседател на Перу облеана во крв.
– Сакаме правда, не сакаме нашите мртви да бидат заборавени, изјави Зулема Чакон за Гардијан. – Сакаме таа узурпаторка да си замине, таа не нè претставува нас, вели тој.
Болуарте, која минатата недела рече дека нема да поднесе оставка, вчера се сретна со претставник на Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права. Минатата недела, агенцијата на ОН соопшти дека е „многу загрижена поради зголеменото насилство“ во Перу.
Амбасадорите на САД и на Обединетото кралство во Перу го поздравија состанокот и лиферуваа изјави повикувајќи на смиреност и побараа од владата да инсистира на дијалог.
Во изјавата на шпански јазик, објавена на Твитер, американската амбасадорка Лиза Кена, рече дека е „фундаментално силите на редот да ги почитуваат човековите права и да го заштитат граѓанството“.
Во слична изјава, нејзиниот колега од Обединетото кралство, Гевин Кук, повика на „итни и непристрасни истраги, мерки за одговорност и правда за жртвите од извештаите за кршење на човековите права“.
Извор: МИА