Диктатура на необразованите и неморалните

Од:

Автор: М-р Наташа Димеска

Додека интелигентните и образовани луѓе во светот трагаат по нова демократија, по креирање на еден нов политички поредок, кој ќе овозможи поучените и морално неизвалканите да владеат со светот, нашите образовани луѓе трагаат по корка леб. Зошто е тоа така? Живееме ли ние на некоја друга планета каде образованието не значи ама баш ништо?

За образованите карта во еден правец

Неодамна на страниците на еден од најстарите печатени медиуми во Македонија, осамна текст за бројот на магистри и доктори на науки кои ја напуштиле земјата. Според овој текст минатата година земјата ја напуштиле 6 доктори на науки, 11 магистри и 108 лица со високо универзитетско образование, што е вистинска штета за нашиот развој, за долгорочната иднина на земјата. Но, овој текст не наиде на речиси никаков одѕив, освен на неколку одобрувачки коментари кои го охрабруваат ова трагање по подобро утре.

Кој ќе го запре овој поток кој ги однесе нашите мозоци во светот, но кој им ја однесе и желбата за враќање во родниот крај во сосема друг правец? Никој и не може да ги осуди луѓето кои со дипломата во рака решиле својата среќа да ја побараат во Германија, САД, па и Кина. Како да ги осудиме кога нашето министерство за образование е она кое доделува целосни стипендии за докторски студии на најпрестижните факултети во светот. Но, позади ова великодушно доделување стипендии не се крие страв од интелектуалците, од способните, чиј глас и чија свест може да ги разбуди другите.

Секоја земја во светот, пред сé, ги става своите универзитети, нивниот развој, подобрувањето на кадрите со кои располагаат. Но, тоа не е случај кај нас.

Кај нас постои само карта во еден правец, која им овозможува заминување на интелектуалците во други земји, карта која потпишува легален одлив на мозоци, што само и’ наштетува на Македонија. Ретко кој од нив помислува за назад и за деновите минати во Агенциите за вработување, на безнадежноста, на очајот кој се крие во татковината.

Нова демократија, но не за Македонија

Демократијата по која сé погласно се трага низ светот, која интелектуалците ја нарекуваат: владеење на пообразованите и поморално чистите личности, е непозната тема за нашите интелектуалци. Тие молкум дозволуваат да им се уништат соништата, дозволуваат да бидат дел од диктатурата на необразованите и неморалните, кои се богатат на нивниот грб, на нивната надеж дека можеби нешто ќе се промени.

И додека младите во светот сонуваат за професионалните успеси кои треба да ги доживеат, си поставуваат цели пред себе, заспиваат со визијата на тие остварени цели, интелектуалците во Македонија заспиваат изморени од реалноста, без сон, без надеж. Изморени од трчањето по партиските штабови, понижувањето кое го доживуваат, зависењето од родителите, омаловажувањето на нивното образование.

Ниту сонот не е сигурно бегство од реалноста за нив, а утрата ги дочекуваат со помислата дека се само нем дел од „проклетата генерација“ која нема да доживее исполнување на соништата, кои самата дозволила да умрат.

Протестите кои ги тресат земјите во соседството, водени од младите, невработени интелектуалци кои бараат можност за напредок за подобро утре, немаат никакво влијание врз нашите интелектуалци. Тие немаат сила ни желба ниту за креирање на интелектуална „Арапска пролет“ во која гласно ќе говорат за нивните потреби, кои под итно треба да бидат задоволени, за безизлезноста. Тие немаат сила да ја прекинат центрираната моќ, богатството кое го трупа таа, животите кои ги прекинува, иднината која ја уништува.

Напротив, тие само молчат и чекаат. Чекаат на партискиот список кој треба да дојде до нив и да им обезбеди седиште во државната администрација. Ниту овие интелектуалци, кои треба да се с‘ржта на новиот демократски поредок не остануваат морално неизвалкани, трчајќи по штабовите, бакнувајќи го знамето, поткупувајќи го претпоставениот.

Токму овој шепот, мижењето пред непрофесионализмот, погазување на квалитетите и можностите, прават штета која не може ниту најсилното оружје за уништување да ја направи. Па, зарем ќе продолжиме сами да се убиваме? Зарем не можеме да извлечиме поука од нашата историја кога најдобрите заминувале од родните места, но тогаш поради тешките состојби бидејќи Маакедонскиот народ немал своја држава, туку бил под туѓо владеење.

Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска