Австралискиот премиер Ентони Албанес рече дека неговата влада е подготвена да обезбеди каква било помош што им е потребна на жителите на Западна Австралија по рекордните поплави во изолираните заедници таму.
Тропскиот циклон Ели донесе силен дожд во западниот дел на континентот, покривајќи површина речиси три пати поголема од Обединетото Кралство. Меѓу најтешко погодените локации е преминот Фицрој, град со 1.300 жители, каде што потребните залихи се пренесуваа со хеликоптери, бидејќи поради поплавите е отсечен од другите градови во регионот.
Владата предводена од лабуристите „конструктивно соработува“ со властите во Западна Австралија за да ги поправи штетите во ретко населениот регион, рече премиерот Албанес.
„Овие поплави имаат разурнувачки ефект врз многу од заедниците што живеат овде и тешко ќе се справат со ова, а нема доволно ресурси“, им рече премиерот на новинарите.
„Мојата влада стои на располагање, таа е подготвена да обезбеди каква било помош што е потребна“, додаде тој.
Според информациите од државните служби на Западна Австралија, Националните одбранбени сили им помагаат на жителите погодени од поплавите и користат хеликоптери за да ги однесат на побезбедни места. Австралиското биро за метеорологија извести дека континентот повеќе нема тешки временски услови, но „ќе продолжи да ја следи ситуацијата и да издава дополнителни предупредувања доколку е потребно“.
Вонредната состојба во северозападниот дел на земјата доаѓа по честите поплави во источна Австралија во последните две години. Некои региони претрпеа четири големи кризи со поплави од минатата година, предизвикани од обилни врнежи.