Правата на работниците се да молчат, трпат и гледаат МТВ

Од:

 

Автор: Елена Павловска

„Разговараат двајца македонски газди и едниот му се жали на другиот:

– Веќе четири месеци не сум им дал плата на моите работници, а тие пак продолжуваат да доаѓаат на работа, не знам што да правам?

– Па… почни да им наплаќаш влезници!“

Оваа сатирична шега ја отсликува реалната ситуација за состојбата на македонските работници, кои со широки раце прифаќаат било каква работа, согласувајќи се со сите услови. Зошто?

Затоа што, работата е најреткото, но најпотребното нешто што македонскиот граѓанин го поседува, односно не го поседува. Според податоците на Агенцијата за вработување над 30 % од македонските граѓани ја немаат таа „привилегија“ да работат и со својата плата да си обезбедуваат достоен живот на себе си и на членовите на своето семејство.

Македнонците се на прагот на сиромаштијата. Работа воопшто нема, а оној кој ја има се соочува со бедни услови и мизерна плата. Штом во една државата има толку висок процент на невработеност, тогаш е јасно дека и експлоатацијата на работниците ќе биде поголема. Во таквите случаи често се потценува трудот на работникот.

Дали работникот си ги знае или не своите права, останува сосема небитно прашање, бидејќи во условите на ова македонско општество, тој е присилен да молчи пред секоја неправда и со наведната глава да ги дочекува ударците и од своите претпоставени и од државата.

Работникот ја изгуби гордоста

Работодавците се свесни за недостигот на работа, а и за вишокот на работна сила. Тие знаат дека луѓето се очајни да заработат барем еден денар, дека немаат големи можности за избор и дека секоја работна понуда ја прифаќаат без размислување. Оваа информација работодавците ја искористуваат за свој профит и за манипулација и застрашување на работниците. „Ако не ви се допаѓа, еве ви ја вратата, има многу луѓе, кои веднаш би го пополниле вашето место !“- е најчестиот контрааргумент кој работниците го добиваат како одговор и на најмало посочување на несоодветните услови за работа.

Во Македонија не се посветува внимание на притисокот на работното место, а нема работник што не го почувствувал тој притисок. Било да е тоа од страна на работодавецот или од колегите (кои се гледаат како конкуренција). Постојано над нивните глави висат закани, дека ако не молчат и го извршуваат она што од нив се бара, ќе останат и без оваа работа.

Сведоци сме на скратување на работничките права, укинување на работните места, непочитување на договори, но ретко се наоѓа работно место и како да живееме без пари за леб. Место за гордост на работникот, во нашето општество- нема.

Денес, за многу работници во нашата држава, работата значи експлоатација и лишување од основните човекови права, нередовни плати и живот на работ на сиромаштија, особено за оние кои работат во приватниот сектор. Денес сме далеку од она што значи одржливо работно место и пристојна работа, при што се создава нееднаквост која произлегува од несигурната или неформална работа.

Но, каква и да е работата и платата, подобро е од да се нема работа и да се нема плата. Затоа, работниците си ја голтаат гордоста и ги трпат сите понижувања.

Доброволно ропство на работникот

Во секое нормално општество односот работодавец- работник би требало да биде еквивалентен и тие да се наоѓаат на исто рамниште, бидејќи зависат едни од други. Работникот свесно и одговорно ја извршува работата и за истата добива надомест- солидна плата, која што е основа на работниот договор. Ова е едноставно, проста логика.

Но дали тоа е случај и кај нас? Дали имаме рамноправен однос? Кај нас ситуацијата повеќе наликува на доброволно ропство. Газдата со камшик (во симоболична смисла) и со погрдни зборови, пцовки и закани им стои над главата на работниците, кои како рабови мораат да му се поклонуваат стравувајќи да не ја изгубат работата. А плата? Платата кога се има тогаш ќе се даде, можеби не целата, само дел, а на другиот ќе почекате, можеби ќе го добиете а можеби и не.

Од страв за работните места не реагирате на прекршувањето на своите права, а оние похрабрите, кои ќе се побунат, добиваат отказ, велат во синдикатот, свесни за оваа појава.

Нема кај да се жалите, бидејќи никој не ве осигурал како работник, немате привилегии. Знаете дека постои казна за ова, дека работодавецот е законски обврзан да ве пријави и осигура, но молчите, одвај стигнавте до некакво работно место и не смеете да ризикувате да го изгубите!

 

Ако наиде трудова инспекција се криете по магацините, ве клучат по канцелариите и бањите, исто како да не постоите. Но, немате избор! Сметките мора да се платат, мора да јаде семејството, мора децата да се школуваат, сé се мора.. Со наведната глава, со искорнато достоинство, од вас се бара само да работите, да молчите и да ги трпите неправдите кои ви се нанесуваат.

Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот Револуција.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска